Извештај на организацијата Хјуман Рајтс Воч (англ.Human Rights Watch) за 2021 година

Организацијата Хјуман Рајтс Воч (Human Rights Watch) во својот последен извештај објавен во јануари 2021 година наведува дека човековите и малцинските права, владеењето на правото и слободата на медиумите остануваат загрозени во неколку земји од Југоисточна и Централна Европа во текот на 2020 година, особено во услови на пандемијата КОВИД-19.

Извештајот покрива над 60 земји, вклучително и Босна и Херцеговина, Србија и Косово.

Според овој извештај, Босна и во 2020 година се соочувала со  сериозни проблеми со човековите права „поради етнички поделби, дискриминација и права на малцинствата и барателите на азил“. Кога станува збор за мигрантите, што е постојан проблем во земјата, организацијата забележала околу 3.500 бегалци и мигранти кои живеат во северозападниот Унско-сански кантон надвор од официјалните центри, а многу од нив спијат во многу лоши услови. „Постои сé зголемена загриженост за бројот на деца без придружба или одвоени деца кои останале без пристап до соодветно сместување и услуги за заштита на децата“, се додава во извештајот.

На Косово, според извештајот, дискриминацијата и понатаму останува проблем за малцинските заедници, како што се ромските, ашкалиските и египќанските заедници. „Сеопфатното истражување на Ромите, Ашкалиите и Египќаните од Балканот, објавено во јануари од страна на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), покажа дека повеќето припадници на овие заедници се соочуваат со висока невработеност, несоодветно домување и дискриминација, особено жените”, беше нагласено во извештајот.

Семејното насилство останува проблем на Косово, каде што постапувањето на полицијата во овие случаи и понатаму е несоодветно, бројот на случаи кои завршуваат со кривично гонење е мал, а судиите континуирано не им издаваат на насилните партнери забрани за пристап кон жртвата.

Заштитата на човековите права во Србија бележи ограничен напредок во 2020 година. Напорите за криво гонење на воени злосторства и понатаму беа фокусирани на сторители кои се наоѓаат на ниско ниво во криминалната хиерархија. Продолжи сместувањето и долгиот престој на лицата со попреченост во институции. Продолжија и нападите и заканите врз лезбејките, геј лицата, бисексуалците и трансродовите лица (ЛГБТ).

Притисокот врз медиумите продолжи во сите горенаведени земји. Локалните организации продолжија да известуваат за бројни напади врз новинари во Србија, Босна и Херцеговина и Косово.

Во извештајот се евидентираат и случаи на претепување на новинари во Србија од полицијата или граѓаните за време на протест во јули 2020 година, откако истите се идентификувале како новинари.

Целосниот извештај можете да го најдете тука:

https://www.hrw.org/sites/default/files/media_2021/01/2021_hrw_world_report.pdf

Преземено од официјалниот вебсајт на Балкан Инсајт (англ. Balkan Insight) и Хјуман Рајтс Воч (англ. Human Rights Watch)