Извршување на пресудата Зорица Јовановиќ против Србија

Директорот за човекови права на Советот на Европа го прими Државниот секретар на Министерството за правда на Србија, на маргините на состанокот на Комитетот на заменици министри на Советот на Европа (3-5 март). Српскиот парламент на 29 февруари го усвои Законот за воспоставување на истражен механизам за утврдување на судбината на „исчезнатите бебиња“ како одговор на пресудата на Европскиот суд за човекови права во предметот Зорица Јовановиќ (21794/08, 09/09/2013).

Во предметот на Зорица Јовановиќ, жалителката тврдеше дека нејзиното дете не умрело 72 часа по раѓањето (во 1983 година), туку дека е незаконски одземено додека таа престојувала во Здравствениот дом Ќуприја. Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) истакна дека во конкретниот предмет на жалителката никогаш ú не било предадено телото на детето ниту пак била известена каде е тоа наводно погребано, никогаш не била утврдена причината за смртта, таа никогаш не добила извештај од извршена обдукција и неговата смрт никогаш не била службено евидентирана. Кривичната пријава на жалителката била отфрлена без да биде соодветно разгледана, а неа не ú биле дадени веродостојни информации за тоа што се случило со нејзиниот син. ЕСЧП посочи дека новоусвоените прописи може да имаат само идни импликации, а суштински ништо не им нудат на родителите, како што е и жалителката, кои во минатото минале низ вакви неволји. Така, ЕСЧП утврди дека  право на почитување на семејниот живот на жалителката било во континуитет кршено од страна на државата која не успеала да обезбеди веродостојни информации за судбината на нејзиниот син.

ЕСЧП истакна дека стотици родители чии што новородени бебиња „исчезнале“ по нивната наводна смрт во болничките одделенија во периодот меѓу 1970-те и 1990-те години поднеле барања за надомест на штета до српскиот Парламент. Со оглед на толкавиот број на потенцијални жалители, Судот сметаше дека тужената држава мора во рок од една година од денот кога оваа пресуда ќе стане правосилна да ги преземе сите соодветни мерки за воспоставување на механизам за поединечно обештетување на сите родители кои се наоѓаат во иста или доволно слична ситуација како и жалителката.

Директорот за човекови права го поздрави ваквиот позитивен развој и им се заблагодари на српските власти за нивните неуморни напори за усвојување на законот, вклучително и за консултациите со родителите на иницијатива на Премиерката на Србија. Беше нагласено дека сега приоритет треба да биде обезбедување на имплементација на законот, која ќе биде делотворна и во согласност со Конвенцијата со цел да се стави крај на маките на родителите на „исчезнатите бебиња“. Од властите беше побарано брзо да ги преземат потребните практични мерки за да обезбедат:

  • ефикасно спроведување на новиот механизам за утврдување на фактите, особено преку спроведување на кампања за подигање на свеста и алармирање на можните жртви за тој механизам и рокот од 6 месеци;
  • воспоставување на база на податоци за ДНК  за да се олесни процесот на утврдување на вистината;
  • и обука за истражните судии и полициските службеници кои би работеле на предметите со „исчезнатите бебиња“.

Прочитајте ја одлуката на Комитетот на министри овде:

https://search.coe.int/cm/Pages/result_details.aspx?ObjectId=09000016809cc921

Преземено од веб-сајтот на Одделот за извршување пресуди на Европскиот суд за човекови права