26 Авг Коментар на Комесарката на Советот на Европа за состојбата на ЛГБТ лицата во Европа
Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, објави коментар за човековите права во врска со политичката манипулација со хомофобијата и трансфобијата, кој беше проследен со примери од цела Европа.
Комесарката потврди дека работата на нејзината канцеларија во однос на ЛГБТИ лицата покажува загрижувачки пораст на нетолеранцијата кон оваа заедница во Европа и укажува на една клучна причина за омразата: „некои политичари ги инструментализираат постојните општествени предрасуди и вербално ги напаѓаат ЛГБТИ лицата за да постигнат политички цели за сопствена корист “, што се покажа како пригоден начин за одвлекување на вниманието на јавноста од неуспехот на владите да ги решат итните социјални прашања и зголемената нееднаквост.
Таа е загрижена што повеќе политичари низ Европа прибегнуваат кон такви неприфатливи напади врз лицата од ЛГБТИ заедницата бидејќи гледаат дека овие тактики функционираат во други земји, пропагирајќи наративи преку сè поорганизираните, транснационални и добро финансирани таканаречени „анти-родови движења“, зад кои стојат верски екстремисти и ултраконзервативни организации „кои работат на лишување од права на други групи – главно на жените и ЛГБТИ лицата“.
Комесарката повика на итно дејствување за да се запре овој тренд, кој има штетно влијание врз ЛГБТИ лицата, и ги повика земјите-членки да преземат мерки со кои ќе обезбедат воздржување на политичарите од навредливи коментари и да преземат позитивни чекори за негување на култура на еднаков третман и еднаквост.
„Политичкото жртвување на ЛГБТИ лицата е само симптом на нивното сè поголемото спротивставување и напад врз човековите права и владеењето на правото“, рече таа и додаде „гаранцијата дека секој во општеството може да ги ужива [човековите права] е клучот за кохезивни, мирни општества каде што секој може да има свои, сопствени стремежи. Создавањето на конфликти меѓу различните групи во општеството предизвикува тензии, омраза и насилство – истото само им служи на тесните интереси на некои бескрупулозни политичари“.
„Европа е на крстопатот во заштитата и вклучувањето на ЛГБТИ лицата. Застанувајќи зад нив, ние го браниме еднаковото човечко достоинство на сите, ја штитиме благосостојбата на нашите општества и силата на нашиот скапоцен систем на човекови права. Хајките, жртвувањето или игнорирањето на една група на крајот може негативно да влијае на сите нас “.
Овде можете да го најдете целиот коментар:
https://www.coe.int/en/web/commissioner/-/pride-vs-indignity-political-manipulation-of-homophobia-and-transphobia-in-europe