Компаниите во процес на приватизација не уживаат „доволна независност од државата“ за да бидат изземени од одговорност според Конвенцијата

Во предметот Мастиловиќ и други против Црна Гора (жалба бр. 28754/10, 24.02.2022 година) Европскиот суд за човекови права утврди повреда на член 6 во однос на 19 од жалителите.

Жалителите се 25 државјани на Босна и Херцеговина кои се родени помеѓу 1948 и 1976 година, и живеат во Босна и Херцеговина, Србија и Канада. На 11 септември 1994 година, жалителите биле патници во автобус управуван од компанија во „општествена сопственост“ (државно претпријатие). Автобусот учествувал во сообраќајна несреќа во која жалителите се здобиле со различни повреди. На повредените патници им бил доделен надомест на штета во граѓанска постапка против црногорскиот државен превозник (кој обезбедувал автобуски превоз) помеѓу 1996 и 2005 година. Предметот се однесуваше на неизвршување на последователните пресуди и спогодби одобрени од страна на суд кои биле во корист на жалителите против автобуската компанија во претежно државна сопственост, која оттогаш стана несолвентна. Споменатите пресуди/решенија кои биле донесени во корист на жалителите остануваат неизвршени до денес поради стечајната постапка во однос на компанијата должник која во моментот се наоѓа во транзиција од планирана во пазарна економија.

Жалителите се повикале на член 6 (право на правично судење во разумен рок) и член 14 (забрана на дискриминација) од Европската конвенција во однос на неспроведувањето на правосилните судски одлуки и судски одобрени спогодби против компанијата должник.

Судот забележа дека судските пресуди и судските одобрени спогодби во однос на горенаведените жалители остануваат неизвршени до денес. Судот често наоѓал повреди на член 6 од Конвенцијата и/или член 1 од Протоколот бр. 1 од Конвенцијата во предмети кои покренуваат прашања слични на оние во конкретниот предмет, особено во предметите кои се однесувале на компании кои биле подложени на реструктуирање, приватизација и/или други форми на транзиција од планирана во пазарна економија. Ваквите компании должници, и покрај фактот што се посебни правни лица, не уживаат „доволна институционална и оперативна независност од државата“ за да можат да бидат ослободени од нивната одговорност според Конвенцијата (види Мијановиќ против Црна Гора, бр. 19580/06, , §§ 61-68).

По разгледувањето на сите доставени материјали, Судот смета дека Владата не изнела никаков факт или аргумент што може да го разубеди Судот да донесе поинаков заклучок од заклучокот во конкретниот предмет. Според тоа, овде станува збор повреда на член 6 став 1 од Конвенцијата.

Преземено од официјалната веб-сајт на Европскиот суд за човекови права