14 Сеп Кривична одговорност за небришење коментари со кои се изразувало омраза од јавен профил на Фејсбук
Во предметот Санчез против Франција (жалба бр. 45581/15, 02.09.2021) Европскиот суд за човекови права утврди дека не дошло до повреда на член 10 (слобода на изразување) од Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесуваше на осудителната пресуда на жалителот во кривична постапка, кој во тоа време бил советник на локално ниво и кој се кандидирал на парламентарните избори, за поттикнување омраза или насилство врз група луѓе или поединец врз основа на нивната припадност на одредена вероисповест, заради тоа што навремено не ги избришал коментарите објавени од други на ѕидот на неговиот профил на Фејсбук. На 24 октомври 2011 година, г -дин Санчез ставил објава за Ф.П., кој бил негов противкандидат на изборите, на ѕидот на неговата јавно достапна сметка на Фејсбук, со која тој лично управувал. Еден корисник на мрежата Фејсбук, С.Б. напишал коментар: „Овој голем човек, голем човек, го претвори Ним во Алжир, нема улица без ќебапчилница и џамија; владеат дилерите на дрога и проститутките, па не е изненадување што го избрал Брисел, главниот град на новиот шеријатски светски поредок …“ Друг корисник, Л.Р., додал уште три коментари кои се однесувале на муслиманите.
ЕСЧП повтори дека толеранцијата и почитувањето на еднаквото достоинство на сите човечки суштества ги чинат темелите на едно демократско, плуралистичко општество. Како резултат на тоа, може да се смета дека е неопходно да се казнат или дури и да се спречат сите форми на изразување со кои се шири, поттикнува, промовира или оправдува омраза врз основа на нетолеранција. Судот нагласи и дека тој придава најголемо значење на слободата на изразување во контекст на политичката дебата и смета дека се потребни многу силни причини за да се оправдаат ограничувањата на политичкиот говор, како и дека во пресрет на изборите треба да се дозволи слободен проток на сите мислења и информации.
Меѓутоа, во посебните околности на овој предмет, ЕСЧП утврди дека одлуката на домашните судови да го осудат жалителот за неговото непреземање на итни мерки за бришење на јасно незаконските коментари објавени од други на ѕидот на неговиот профил на Фејсбук, кој бил користен во врска со неговата изборна кампања, била втемелена на релевантни и доволни причини поврзани со недостатокот на свест и реакција.
Покрај тоа, кривичниот суд нагласи дека жалителот не можел да биде свесен дека неговата сметка најверојатно ќе привлече коментари од политичка природа, кои по дефиниција биле полемични, и затоа требало повнимателно да ги следи истите. Апелациониот суд одлучил, според слична аргументација, дека неговиот статус како политичка фигура барал уште поголема будност од негова страна. Кривичниот суд поконкретно забележал дека коментарите на Л.Р. биле видливи и шест недели по објавувањето. Во тие околности, Судот утврдил дека причините наведени од кривичниот суд и апелациониот суд во врска со чекорите преземени од жалителот биле релевантни и доволни за целите на членот 10 од Конвенцијата.
Оттаму, мешањето за кое станува збор може да се гледа како „неопходно во демократско општество“ и во овој предмет нема повреда на членот 10 од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот вебсајт на Европскиот суд за човекови права