13 Јул Несоодветен правен одговор на кривични дела сторени од омраза кон ЛГБТ лица
Во предметот Стојанова против Бугарија (претставка бр. 56070/18, 14.6.2022 година), Европскиот суд за човекови права едногласно оцени дека дошло до повреда на член 14 (забрана на дискриминација), земен заедно со член 2 (право на живот) од Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесувал на хомофобичното убиство на 26-годишниот син на подносителот на претставката. Неговите напаѓачи, средношколци, решиле да го нападнат бидејќи мислеле дека личи на хомосексуалец. При утврдувањето на казните, првостепените и второстепените судови утврдиле дека хомофобичниот мотив зад нападот претставувал индивидуален отежнувачки фактор, балансирајќи ја таа околност со други, олеснителни околности. Напаѓачите биле прогласени за виновни за тешко убиство, но им биле изречени казни кои биле под законскиот минимум откако Врховниот суд ги зел предвид олеснителните фактори, како што се нивната возраст и фактот што дотогаш не биле казнувани.
Судот забележа дека, според бугарскиот Кривичен законик, убиство мотивирано од непријателство кон жртвата поради нејзината реална или претпоставена сексуална ориентација не се третирало како отежнувачка околност или, поинаку, како потешко кривично дело. Тој недостаток не бил исправен од страна на судовите, бидејќи одбиле да го третираат таквото непријателство како дело мотивирано од хулиганство. Згора на тоа, во нивното образложение не е јасно наведено каква тежина им била дадена на хомофобичните мотиви во нивната севкупна оцена на меѓусебното влијание на поединечните отежнувачки и олеснителни околности, со цел да се коригираат казните на двајцата напаѓачи. Што се однесува до Врховниот касационен суд, тој не ги ни спомнал хомофобичните мотиви во својата анализа на изрекувањето на санкциите.
И навистина, вообичаениот пристап на бугарските судови при одредувањето казна во рамките на пропишаниот законскиот опсег се засновал на севкупна оцена на сите олеснителни и отежнувачки околности, па затоа обично не било можно на некој таков фактор да му се припише специфична тежина. Накратко, и покрај јасно утврдениот наод на судовите дека причината за нападот врз синот на подносителот на претставката била омразата на сторителите кон хомосексуалците, тоа не резултирало со никакви опипливи правни последици во одлуките на бугарските судови. Според мислењето на Судот, тоа било главно поради фактот што бугарското кривично законодавство не ги пропишало соодветно таквите фактори како отежнувачки околности, а не поради начинот на кој судовите постапувале во предметот. Според тоа, Судот одлучи дека дошло до повреда на член 14, земен заедно со член 2.
Освен тоа, според член 46 (задолжителност и извршност на пресудите), Судот утврди дека Бугарија морала да обезбеди дека насилни напади мотивирани од непријателство кон вистинската или претпоставената сексуална ориентација на жртвата се третираат како отежнувачка околност во кривично-правна смисла.
Преземено од официјалиот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права