11 Јул Обврската на државата да го заштити животот на членовите на семејството од насилен татко според член 2 од Конвенцијата
Во предметот на Курт против Австрија (жалба бр. 62903/15 од 4 јули 2019 година), Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) едногласно одлучи дека не дошло до повреда на член 2 (право на живот) од Европската конвенција за човекови права (“Конвенцијата”).
Предметот се однесуваше на убиството на синот на жалителката од страна на неговиот татко по претходните наоди на жалителката за насилство од страна на таткото. Жалителката, Сенаи Курт, е австриска државјанк, кој била во брак со Е. Тие имале две деца, А., роден во 2004 година и Б., родена во 2005 година.
Во јули 2010 година, г-ѓа Курт повикала полиција затоа што нејзиниот сопруг ја претепал. Таа тврдела дека ја тепал со години и дека ситуацијата неодамна се влошила. Полицијата забележала дека кај неа има знаци на телесни повреди, што довело до издавање на мерка за забрана за приближување (Betretungsverbot und WegWeisung zum Schutz vor Gewalt) против E. Во јануари 2011 година, Регионалниот кривичен суд во Грац го осудил Е. заради нанесување на телесни повреди и опасно заканувачко однесување. До мај 2012 година во полиција не се пријавени никакви други инциденти. Во мај 2012 година, г-ѓа Курт отишла во Окружниот суд во Ст.Полтен и поднела барање за развод. Истиот ден, таа го пријавила својот сопруг во полиција заради силување и упатување на опасни закани. Таа додала дека тој редовно ја тепал, а понекогаш ги удирал и децата. Врз основа на ваквите изјави, полицискиот службеник повторно издал налог за забрана за приближување против Е., кој доброволно дошол во полициската станица заедно со полициските службеници.
На 25 мај 2012 година Е. отишол во училиштето на А. и Б. Тој побарал од наставничката на А. да разговара накратко со својот син насамо. Наставничката, која подоцна изјавила дека не била информирана за проблемите во семејството, се согласила. Кога А. не се вратил на час, таа почнала да го бара. Го нашла во подрумот на училиштето, каде што бил застрелан во главата. Неговата сестра Б., која била сведок на пукањето во најзниот брат, не била повредена. Веднаш била распишана потерница за апсење на Е. и полицијата започнала истраги, но Е. тој ден бил пронајден мртов во својот автомобил, откако се застрелал.
Судот испитал дали, врз основа на информациите што биле достапни во тоа време, надлежните власти требало да знаат дека Е. претставува вистински и непосреден ризик за животот на неговиот син надвор од местата каде се применувала забраната за приближување, што можело да се избегне само со негово притворање.
Судот утврди дека немало индиции дека сопругот на г-ѓа Курт некогаш поседувал оружје или дека се обидел да набави оружје. При неговите контакти со полицијата тој секогаш соработувал. Затоа, домашните власти немале причина да веруваат дека тој претставува конкретен ризик по нечиј живот преку употребата на оружје. Судот, исто така, забележа дека изгледа како самата жалителка да не била свесна колку голема опасност по децата претстваувал нејзиниот сопруг. Таа знаела дека може да добие привремена забрана за приближување од надлежниот окружен суд согласно делот 382б или делот 382е од Законот за извршување, а со забраната содржана во делот 382е би му се забранило на Е. појавувањето на јавни места надвор од неговото место на живеење. Фактот што не поднела такво барање после насилното однесување на сопругот укажува на тоа дека ни таа самата не сметала дека постои непосредна потреба за таква мерка.
Во тие услови, домашните власти имале право да заклучат дека секоја друга мерка, како што е мерката притвор, освен мерката на забрана за приближување која му била пропишана на таткото не била неопходна земајќи ги предвид познатите околности. Според тоа, властите ги исполниле своите позитивни обврски според член 2.
Преземено од официјалниот вебсајт на Европскиот суд за човекови права