Одлука за недопуштеност во предмет кој се однесува на пристапот до кино на лице со посебни потреби

Во својата одлука во предметот Глајзен против Швајцарија (жалба бр. 40477/13, 18.07.2019) Европскиот суд за човекови права со мнозинство гласови ја прогласи жалбата за недопуштена.

Жалителот, кој е параплегичар, користи инвалидска количка. Неговата жалба се однесува на спреченоста да пристапи до едно кино во Женева каде сакал да гледа филм кој не се прикажувал во ниту едно друго кино во градот. Со оглед на тоа што зградата во која се наоѓа киното не била прилагодена за корисници на инвалидска количка, на апликантот му бил одбиен пристап.

Потпирајќи се конкретно на член 14 (забрана на дискриминација) и член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот), тој се жалел дека одбивањето на пристап до кино заради неговата попреченост не било окарактеризирано како дискриминација од страна на швајцарските судови. Укажувајќи дека е неопходно да се земат предвид специфичностите на случајот, особено социјалната и семејната состојба на жалителот, Судот не го занемари фактот дека за г-дин Глајзен, кој беше параплегичен, одењето во кино немаше за цел само да се погледа некој филм кој би можел да го погледа и дома, туку истото вклучувало и комуникација со други лица. Покрај тоа, г-дин Глајзен, кој не можел да учествува во многу други слободни активности заради својата попреченост, се сметал себеси за страствен посетител на кино, а властите тоа не го довеле во прашање.

Сепак, Судот сметаше дека членот 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) не може да се толкува како овозможување пристап до конкретно кино за да се погледне конкретен филм во ситуација кога на лицето му бил овозможен пристап до други кина во близина. Судот всушност забележа дека во околината имало и други кина прилагодени на потребите на г-дин Глајзен, и оттаму, тој генерално имал пристап до локално кино.

Судот повтори дека на државите им била дадена широко поле на слободна проценка во ситуации кога тие морале да постигнат рамнотежа помеѓу приватните и јавните интереси или меѓу различните права содржани во Конвенцијата. Слично на тоа, домашните судови требало да дадат детално образложени причини за своите одлуки, особено да му овозможат на Судот да ја исполни својата надзорна функција во Европа. 

Во конкретниот случај, Судот сметаше дека Федералниот суд дал доволно причини за да објасни зошто ситуацијата со која се соочувал г-дин Глајзен не била доволно сериозна за да спаѓа во поимот дискриминација. Оттука, Судот нема причина да се спротивстави на наодите на Федералниот суд, кој сметал дека Конвенцијата не ја обврзува Швајцарија да вгради, во своето домашно законодавство, концепт на дискриминација каков бара г-дин Глајзен. Покрај ова, тој немал право да се потпира на член 8 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права