ОН мора веднаш да преземат мерки за да обезбедат правда за малцинските заедници сместени во загадени кампови на Косово

Експертите за човекови права на ОН ја повикаа организацијата да преземе итни мерки за обезбедување на правда и правни лекови за раселените малцински заедници, кои беа сместени во камповите на ОН изградени на токсична депонија на Косово.

Во периодот од 1999 до 2013 год. околу 600 членови на заедниците на Ромите, Ашкалиите и Египќаните биле распоредени во кампови кои се наоѓаат на земјиште за кое се знае дека е загадено од олово.

Приближно половина од нив биле деца под 14 годишна возраст. Се верува дека труењето со олово придонело за смртта на неколку деца и возрасни. За другите поранешни жители на камповите се вели дека се’ уште се соочуваат со огромен број здравствени проблеми, како што се напади, заболувања на бубрезите, разни физички и психички тегоби и губење на сеќавањето.

Во 2016 година Советодавниот комитет за човекови права препорача ОН да преземат соодветни чекори за исплата на соодветен поединечен надомест на штета на 138 членови на трите заедници и да издадат јавно извинување поради тоа што не ги испочитувале стандардите за човековите права.

Комитетот идентификуваше повеќекратни повреди на човековите права – вклучувајќи ги и правата на живот, здравје и слобода од нечовечко и понижувачко постапување – како и на Конвенцијата на ОН за правата на детето.

Извештаите за труење со олово кај жителите на овие кампови беа достапни уште во 1999 година, а заштитни мерки за спречување на изложеноста на олово беа преземени во случајот на војниците од мировните мисии во 2000 година. Сепак, превентивни мерки за жителите не беа усвоени се’ до 2006 година.

Малите деца и бремените жени се особено ранливи на труење со олово и можат да страдаат од длабоки и трајни негативни здравствени последици, кои особено влијаат врз развојот на мозокот и нервниот систем.

Покрај состаноците со жртвите и претставниците на Привремената административна мисија на ОН на Косово (УНМИК), Специјалниот известувач, исто така, беше во директен контакт со Канцеларијата на Генералниот секретар на ОН во врска со напорите за обезбедување решение.

Доброволниот фонд, кој беше формиран во 2017 година, никогаш не се активираше бидејќи не доби никаков придонес од меѓународната заедница.

Повеќе информации за овој предмет кој се однесува на домување на почва контаминирана со олово на Косово можете да најдете тука: https://www.ohchr.org/EN/Issues/Environment/ToxicWastes/Pages/LeadContaminationKosovo.aspx

Преземено од официјалната веб страница на Обединетите нации

Tags: