14 Јул Отпуштањето на вработена во јавниот сектор заради тоа што „лајкала“ објави на Фејсбук довело до кршење на Конвенцијата
Во предметот Мелике против Турција (жалба бр. 35786/19, 15.06.2021), Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека дошло до повреда на членот 10 (слобода на изразување) од Европската конвенција за заштита на човековите права.
Предметот се однесуваше на отпуштањето на г-ѓа Мелике, вработена во Министерството за образование на одредено време, затоа што кликнала на „Ми се допаѓа“ на разни објави на Фејсбук (кои биле ставени на ова социјална мрежа од трето лице). Властите сметале дека постоела веројатност предметните објави да го нарушат мирот и спокојството на работното место, со образложение дека во нив се тврдело дека наставници извршиле силувања, тие содржеле разни обвиненија против политичките лидери и биле поврзани со политичките партии.
Судот истакна дека предметната содржина се состои од остра политичка критика на наводни репресивни практики од страна на властите, повици и охрабрување да се демонстрира во знак на протест против тие практики, изрази на негодување заради убиството на претседател на адвокатска комора, осудувања на наводни злоупотреби на ученици во установи контролирани од властите и остра реакција на една изјава, сфатена како сексистичка, дадена од познат верски лидер. Судот утврди дека ова се суштински и неоспорно прашања од општ интерес. Тој повтори дека според членот 10, став 2 од Конвенцијата, мал е опсегот на ограничувања кои би можеле да се наметнат во однос на слободата на изразување во две области: политички говор и прашања од јавен интерес.
Судот, исто така, забележа дека дисциплинската комисија и националните судови не ги зеле предвид сите релевантни факти и фактори при донесувањето на заклучокот дека постапките на жалителката го нарушувале мирот и спокојството на нејзиното работно место. Особено, националните власти не се обиделе да го проценат потенцијалот предметните „лајкови“ да предизвикаат несакана реакција на работното место на г-ѓа Мелике, имајќи ја предвид содржината на материјалот на кој се однесувале, професионалниот и општествениот контекст во кој тие биле дадени и нивниот потенцијален обем и влијание.
Според тоа, причините наведени во овој предмет за да се оправда отпуштањето на жалителката не може да се сметаат за релевантни и доволни. Судот, исто така, утврди дека казната која ѝ била изречена на г-ѓа Мелике (итен раскин на нејзиниот договор за вработување без право на надомест на штета) била екстремно строга, особено во поглед на нејзниот работен стаж на тоа работно место и нејзината возраст. На крајот, Судот заклучи дека, со оглед на тоа што не дале релевантни и доволни причини за оправдување на оспорената мерка, националните судови не ги примениле стандардите кои произлегуваат од начелата утврдени во член 10 од Конвенцијата. Во секој случај, не постоел разумен однос на пропорционалност помеѓу мешањето во правото на г-ѓа Мелике на слобода на изразување и легитимната цел која националните власти сакале да ја постигнат.
Преземено од официјалниоит веб-сајт на Европскиот суд за човекови права