18 Авг Повреда на Конвенцијата поради невозможноста да се изврши промена на полот и името од чисто формални причини
Во предметот Рана против Унгарија (жалба бр. 40888/17) Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека дошло до повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права.
Жалителот бил роден како жена во Иран, но од рана возраст се идентификувал како маж. Во 2015 година тој побарал азил во Унгарија и во декември истата година надлежното тело за азил го одобрило неговото барање, откривајќи дека бил жртва на прогон во Иран поради неговиот родов идентитет (транссексуалност). Сепак, тој не можел законски да го промени полот и името во таа земја.
Судот не го доведе во прашање изборот на унгарските власти да го регулираат правното признавање на родовата промена како посебен вид постапка за промена на името што ја спроведува матичар кој ја води Матичната книга на родените. Сепак, при балансирање на спротивставените интереси на засегнатите страни, државите имаат ограничено поле на слободна проценка кога станува збор за суштинскиот аспект на интимниот идентитет на поединците, како што е родовиот идентитет во случајот на жалителот.
Тој ја зеде во предвид одлуката на Уставниот суд во која се утврдува законодавна празнина, заради фактот што им се оневозможува на сите оние кои имаат законски регулиран престој во Унгарија да ја отпочнат постапката за промена на името и признавање на полот, без оглед на нивните околности, сметајќи дека станува збор за непропорционално ограничување на нивното право на човечко достоинство.
Властите го отфрлиле барањето на жалителот на чисто формална основа, без да ја испитаат неговата ситуација, односно без да ги избалансираат спротивставените интереси за кои станувало збор во овој случај. Поконкретно, тие не го зеле предвид фактот дека тој добил азил токму затоа што бил прогонуван во својата матична земја поради тоа што бил трансродово лице. Судот сметаше дека не можело разумно да се очекува жалителот да побара признавање на неговата промена на полот во Иран.
Судот забележа дека обезбедувањето пристап до постапка за законско признавање на полот на лицата кои немаат унгарски изводи од матичната книга на родените, заедно со испитувањето на основаноста на нивните тврдења, може да претставува дополнителен административен товар за властите. Сепак, тоа само по себе не може да го оправда безусловното одбивање на барањето на жалителот. Покрај тоа, позитивната обврска утврдена од Уставниот суд била релативно тесна во опсег, а и не се чинело дека истата има сериозно влијание врз државата.
Судот заклучи дека не била воспоставена правична рамнотежа помеѓу јавниот интерес и правото на жалителот на приватен живот поради одбивањето да му се даде пристап до законска постапка за признавање на полот.
Преземено од официјалниот сајт на Европскиот суд за човекови права