31 Авг Повреда на правото на правично судење поради тоа што не му било дозволено на жалител кој не ја оспорувал својата вина да испита сведок
Во предметот Додоја против Хрватска (жалба бр. 53587/17, 24.06.2021) Европскиот суд за човекови права утврди дека дошло до повреда на членот 6 став 1 и 3 (г) од Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесуваше на осудителната пресуда на жалителот која била донесена без да му биде дозволено да го испита сведокот С.Б. во постапката која се водела против него. Во 2004 и 2005 година полицијата спровела кривична истрага во која биле вклучени неколку лица осомничени за вмешаност во набавка и продажба на хероин. Откако полицијата го уапсила С.Б., еден од соучесниците, во 2005 година тој го признал своето учество во организирањето на продажбата на дрога. С.Б. откако дал изјава во полиција, станал недостапен за органите на прогонот и нему му се суди во отсуство.
Подносителот на претставката се жалеше дека немал правично судење бидејќи не му била дадена можност во која било фаза од постапката да го испита С.Б., кој исто така бил еден од обвинетите во постапката, и врз основа на чија претходна изјава дадена во полиција, всушност била заснована неговата пресуда.
За разлика од многуте претходни случаи на отсутни сведоци, во конкретниот случај жалителот не ја оспорил својата кривична одговорност како таква, туку се жалел дека е обвинет и осуден построго поради непроверената изјава на С.Б, дадена во полиција. Со други зборови, тој не ја оспорувал својата вмешаност во незаконската трговија со дрога, но не се согласувал со обемот на криминалните активности за кои бил осуден и, следствено на тоа, со тежината на изречената казна. Затоа, Судот мораше да испита дали начелата утврдени во неговата судска пракса во врска со признавањето на непроверени инкриминирачки докази изведени од изјави на сведоци во кривични дела подеднакво се применуваат во околностите на овој предмет, кога исходот од постапката која е предмет на жалбата не се однесува на тоа дали е жалителот виновен или невин, туку се фокусира на фактичките околности релевантни за крајната тежина на изречената казна.
Судот забележа дека домашните судови утврдиле дека имало голем број други инкриминирачки докази против жалителот. Особено, надлежниот суд се потпирал на наодите на вештакот од областа на телекомуникациите, според кое, помеѓу 14 септември и 6 октомври 2005 година, имало бројни телефонски повици помеѓу С.Б. и жалителот. Исто така, домашниот суд се потпирал на транскрипти од снимени телефонски разговори помеѓу С.Б. и В.Н. од кои произлегло дека тие двајца обвинети имале повеќе трансакции. Според мислењето на Судот, горенаведените докази биле доста посредни и индиректни, бидејќи ниту еден од нив всушност не укажал на тоа дека жалителот бил во контакт со С.Б. цела година, како што тврдел самиот С.Б.
Следствено на тоа, иако изјавата на С.Б. можеби не била единствениот или одлучувачки доказ за осудата на жалителот за оспореното дело, Судот сметаше дека таа имала значителна тежина и дека нејзиното признавање можело во доволна мера да ѝ наштети на одбраната.
Судот нагласи дека аргументот на Владата дека жалителот би бил прогласен за виновен само врз основа на своето признание е ирелевантен со оглед на тоа што она за што станува збор во овој предмет е обемот на утврдената кривична вина на жалителот и тежината на казната за делото за кое на крајот тој бил осуден.
Со оглед на горе наведеното, и испитувајќи ја правичноста на постапката во целина, Судот забележа дека, при осудувањето на жалителот, домашниот суд во голема мера се потпирал на изјавата која другиот обвинет, кој отсуствувал од судењето, ја дал во полиција, а се чинело дека самиот се обидел да ја повлече истата, додека жалителот никогаш не можел да се соочи со него или да го испраша, и покрај фактот што таквата изјава била одлучувачки доказ против него.
Како последица на тоа, тој бил осуден за потежок облик на кривичното дело и добил построга казна врз основа на докази во однос на кои неговите права на одбрана биле значително ограничени.
Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права