10 Фев Повреда на процедуралниот дел на член 2 поради времетраењето на домашната постапка за надомест на штета
Во предметот Фернандез де Оливеира против Португалија (претставка бр. 78103/14, 31/01/2019) Европскиот суд за човекови права заклучи дека:
- немало повреда на материјалниот аспект на член 2 (право на живот) на Европската конвенција за човекови права во врска со мерките за заштита на животот на психијатриски пациент кој извршил самоубиство, и
- имало повреда на процедуралниот дел од член 2 од Европската конвенција, поради должината на последователната домашна постапка за надомест на штета.
Предметот се однесувал на самоубиството на полнолетниот син на жалителката додека тој бил доброволно сместен во психијатриска болница, како и на граѓанската постапка за надомест на штета која жалителката, неговата мајка, ја покренала по неговата смрт.
Во текот на неколку години, синот на жалителката бил во повеќе наврати хоспитализиран во психијатриската болница Собрал Сид во Коимбра. На 2 април 2000 година, тој бил примен како доброволен пациент во истата установа, бидејќи се обидел да изврши самоубиство. На 27 април 2000., тој ја напуштил болницата без да ги извести болничките власти и извршил самоубиство со скокање под воз. Жалителката поднесла граѓанска тужба за надомест на штета против болницата во март 2003 година, тврдејќи дека нејзиниот син требало да биде под лекарски надзор и дека болничкиот персонал требало да го спречи да замине.
Судот констатира дека регулаторната рамка за грижа за синот на жалителката е во согласност со барањата на Конвенцијата во однос на заштитата на пациентите според член 2. Државите имаат обврска да преземат превентивни оперативни мерки за заштита на поединци од другите и од самите себе. Во претходните предмети, Судот не истакнувал изречно дека оваа обврска се однесува на доброволни пациенти во психијатриски болници, како и на оние кои биле примени против својата волја, но овој пат изјави дека се однесува на двете категории на пациенти.
Во овој случај, властите обезбедиле доволно заштитни мерки, со оглед на непостоењето на јасен и непосреден ризик од самоубиство. Меѓутоа, Владата не дала убедливи причини со кои се оправдува должината на домашната постапка за надомест на штета, која траела повеќе од 11 години, па, според тоа, имало повреда на процедуралниот аспект на оваа одредба од Конвенцијата.
Преземено од официјалната веб страна на Европскиот суд за човекови права