Правниот лек против решението за одредување притвор за лице недостапно за државните органи не е во согласност со Конвенцијата

Во предметот на Риѕото против Италија (жалба бр. 20983/12 од 5 септември 2019 година), Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) едногласно утврди дека дошло до повреда на член 5, став 4 (право на итно испитување на законитоста на притворот) Европската конвенција за човекови права („Конвенцијата“).

Предметот се однесуваше на законитоста на решението за одредување притвор и процедуралните гаранции предвидени во член 5, став 4 од Конвенцијата.

На 16.09.2010 година, истражниот судија во Палермо му одредил притвор на жалителот, г-дин Риѕото. Бидејќи г-дин Риѕото бил недостапен за државните органи, властите го сметале за бегалец и му назначиле бранител по службена должност, кој би го застапувал. На 13 октомври 2010 година, бранителот назначен по службена должност поднел жалба до Окружниот суд во Палермо против решението за притвор на жалителот, потпирајќи се на член 309 од Кривичниот законик. Жалителот бил уапсен на Малта во 2010 година и тогаш му дал полномошно на бранител по сопствен избор. Избраниот бранител, исто така, поднел жалба на решението за одредување притвор. Судот ја прогласи неговата жалба за недопуштена со образложение дека жалителот веќе го искористил своето право на жалба кога неговиот адвокат назначен по службена должност вложил правен лек додека тој се уште  бил недостапен.

ЕСЧП истакна дека италијанскиот закон навистина нуди можност за оспорување на основите на одлука со која се наредува лишување од слобода. Сепак, тој нагласи дека жалбата поднесена од овластениот бранител на жалителот против налогот на судијата за изрекување казни била прогласена за недопуштена од страна на Специјалното одделение на Окружниот суд во Палермо со образложение дека слично барање веќе било поднесено од адвокатот назначен по службена должност.

Меѓутоа, бидејќи адвокатот по службена должност одлучил да го обжали истражниот притвор без знаење на жалителот, кој бил недостапен за надлежните органи, ЕСЧП утврди дека г-дин Рицото дефинитивно не бил во можност да комуницира со бранителот доделен по службена должност, да ги изнесе своите аргументи во прилог на барањето за ослободување, ниту да биде сослушан.

ЕСЧП, исто така, забележа дека барањето на жалителот било одбиено без да му биде дадено право да биде сослушан. ЕСЧП повтори дека основната гаранција која произлегува од член 5, став 4 од Конвенцијата е правото на делотворно сослушување од страна на судијата кој го испитува правниот лек против решението за одредување притвор. ЕСЧП утврди дека барањето на жалителот за оценување на законитоста на притворот е одбиено без да му се овозможи да биде сослушан. Затоа, ЕСЧП заклучи дека италијанскиот правен систем не му обезбедил на жалителот процедурални заштитни мерки во согласност со член 5, став 4 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права