16 Јан Родова дискриминација поради забраната машките затвореници да присуствуваат на погреби
Европскиот суд за човекови права утврди дека дошло до повреда на член 14 (забрана на дискриминација) во врска со член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) на Европската конвенција за човекови права во случајот Ецис против Летонија (претставка бр.12879 / 09).
Предметот се однесувал на затвореник од машки пол, кој се жалел дека не му било дозволено да присуствува на погребот на својот татко, според закон со кој се регулираат затворските режими, а кој дискриминира во корист на жените.
Судот делумно го прифати аргументот на Владата дека поинаквиот третман на мажите и жените во затворот е оправдан поради фактот дека женските затвореници имаат специфични потреби, особено кога станува збор за мајчинството. Сепак, мерките треба да бидат пропорционални.
Судот утврди дека мажите и жените кои сториле сериозно кривично дело и ја добиле истата казна се третираат поинаку. Мажите автоматски се сместуваат во највисоката безбедносна категорија и се чуваат во затвори од затворен тип, додека жените се упатуваат во помалку рестриктивни, делумно затворени затвори. Со законот, на жалителот автоматски му било забрането да присуствува на погребот, додека на жена-затвореник би и била одобрена таквата можност.
Судот заклучи дека, иако одредени разлики во третманот би можело да бидат оправдани, целосната забрана за затворениците од машки род да го напуштат затворот, дури и заради присуство на погреб, не придонесува кон задоволувањето на посебните потреби на женските затвореници. Одбивањето да се разгледа барањето на жалителот да присуствува на погребот поради затворскиот режим врз основа на неговиот пол немало објективно и разумно оправдување, па, според тоа, тој претрпел дискриминација и повреда на неговите права по Конвенцијата.
Преземено од официјалната веб страна на Европскиот суд за човекови права