Ромските населби имале соодветен пристап до вода за пиење

Во предметот Худоровиќ и др. Словенија (жалби бр. 24816/14 и 25140/14 од 10 март 2020 година), Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) утврди дека:

  • не дошло до кршење на член 8 (право на почитување на приватниот живот) од Европската конвенција за човекови права („Конвенцијата“) во однос на жалителите во жалбата бр. 24816/14;
  • не дошло до кршење на член 8 од Конвенцијата во однос на жалителите во жалбата бр. 25140/14;
  • не дошло до кршење на член 14 (забрана на дискриминација) во врска со член 8 од Конвенцијата, не дошло до кршење на член 3 (забрана на мачење или нечовечко или понижувачко постапување) од Конвенцијата разгледуван самостојно ниту во врска со член 14 од Конвенцијата.

Предметот се однесуваше на претставките на жалителите – сите словенечки државјани со ромско потекло – во врска со нивниот наводен недостаток на пристап до вода за пиење и санитарни услови, земајќи ги предвид нивниот животен стил и малцински статус. Населбата во која живееле жалителите главно се состои од дрвени колиби без водовод и канализација.

ЕСЧП истакна дека пристапот до безбедна вода за пиење не е, како таков, заштитен со член 8. Но сепак, според Судот, водата е неопходна за опстанокот на човекот, а постојаниот и долгогодишен недостаток на вода може да има штетни последици врз здравјето и човековото достоинство, поткопувајќи ја сржта на приватниот живот и уживањето на правото на приватен живот во домот. Затоа, ЕСЧП не можеше да исклучи дека овие убедливи тврдења за ваквите тешки услови може да ја повлечат позитивната обврска на државата според член 8 од Конвенцијата.

ЕСЧП сметаше дека властите ја препознавале состојбата на жалителите и преку нивниот систем на социјални давања осигурале дека им се обезбедува одредено основно ниво на егзистенција што, меѓу другото, можело да се искористи за подобрување на нивните животни услови. Покрај тоа, општинските власти презеле конкретни чекори за да обезбедат апликантите да имаат пристап до безбедна вода за пиење. ЕСЧП го прифати фактот дека во населбата на првите жалители биле поставени еден или повеќе резервоари за вода во периодот помеѓу 1999 и 2016 година, кои на барање биле полнети со вода. Забележувајќи ги разликите во верзиите на различните страни за тоа што се случило со кофинансираниот резервоар за вода и недокажаните тврдења на жалителите за квалитетот на водата и редовноста на снабдувањето, Судот заклучи дека ваквиот аранжманот им обезбедил на жалителите од населбата Горица вас можност за пристап до безбедна вода за пиење. Судот дојде до истиот заклучок и во врска со изнајденото решение за населбата на вторите жалители.Иако таквите мерки можело да се сметаат за привремени, а не за трајни решенија, Судот утврди дека тие позитивни мерки им овозможиле на жалителите  пристап до безбедна вода за пиење. Покрај тоа, со оглед на постепената природа на развојот на јавната инфраструктура и широката дискреција на државата во приоритизирање на ресурсите за урбанистичко планирање, Судот сметаше дека само особено убедливи причини, како што е сериозен ризик по здравјето, можеле да оправдаат наметнување товар на државата за преземање на какви било чекори во однос на конкретната ситуација на секој од жалителите. Сепак, жалителите не ги поткрепиле своите тврдења во оваа смисла ниту докажале дека биле спречени да постават септички јами или да изнајдат други алтернативи за јавната канализација. 

Според тоа, Судот оцени дека при осмислувањето на мерките преземени од страна на државата со цел да се обезбеди пристап до безбедна вода за пиење и канализација била земена предвид  ранливата позиција на жалителите и биле исполнети барањата од член 8 од Конвенцијата. Дури и да се претпостави дека членот 8 бил применлив во овој предмет, не дошло до негово кршење. Судот, со пет гласа за и два против, утврди дека е непотребно да се одлучува за применливоста на член 8. Судот понатаму утврди, со пет гласа за и два против, дека нема потреба да се одлучува за применливоста на член 14. Тој, исто така, утврди дека дури и ако се претпостави дека се применува член 14, сепка не дошло до кршење на член 14 во врска со член 8.

Преземено од официјалната веб-страна на Европскиот суд за човекови права