Билтен за најновата судска пракса на ЕСЧП наменет за правниците од Западниот Балкан

Билтенот за „Последните случувања во судската пракса на Европскиот суд за човекови права во однос на слободата на изразување“ претставува единствена алатка за споделување информации за новите трендови и развојни текови во судската пракса на Европскиот суд за човекови права (во понатамошниот текст: ЕСЧП, Судот), а воедно придонесува за понатамошно унапредување на знаењата од областа на слободата на изразување и слободата на медиумите на правните професионалци од Западниот Балкан и пошироко.

Објавен во рамките на заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „  Horizontal Facility II“, во овој билтен се анализира периодот февруари-јули 2021 година во кој Судот донесе значителен број релевантни пресуди кои се однесуваат на слободата на изразување, како  и на заштитата и безбедноста на новинарите . Овие пресуди се однесуваа на различни области од членот 10 од Европската конвенција за човекови права. Во избраните пресуди кои се елаборирани во овој Билтен, Судот се занимава со пошироките аспекти на слободата на изразување, при што се фокусира на проширувањето на опсегот на член 10 на начин да ги опфати ненасилните протести преку уметнички изведби, како манифестација на политички говор; потоа, рекламирањето кое што придонесува за јавна дебата за прашања од општ интерес и кое што може да се смета за спротивно на јавниот морал и религиозните вредности; како и ограничувањата на слободата на изразување на интернет, кога таа се претвора во навредлив говор на омраза и поттикнување насилство.

Кога станува збор за слободата на медиумите, во презентираните предмети се расправа за одговорностите на новинарите при вршењето на новинарската професија, односно при собирањето на вести; пристапот до информации за прашања од јавен интерес и до службени документи/евиденција; заштитата на новинарските извори во однос на употребата на технологии за надзор и во операциите за масовно следење, особено; како и за вклучувањето на медиумските куќи во изборни кампањи на интернет.

Во избраните предмети се истакнаа обврската на државите – членки на Конвенцијата да ги почитуваат стандардите на Конвенцијата во согласност со принципот на супсидијарност, додека во некои од предметите властите се повикани да придонесат за спроведување на Конвенцијата на национално ниво со преземање општи мерки за зајакнување на постојната законска рамка и унапредување на нивните административни и судски пракси, со цел да се спречи појава на слични повреди на слободата на изразување во иднина.

Билтенот е достапен на англиски, албански, босански, македонски, црногорски и српски јазик и е изготвен во рамките на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за помош за Западниот Балкан и Турција 2019-2022“ и регионалната активност на тема „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Југоисточна Европа“.

Овде можете да најдете повеќе информации: https://www.coe.int/fr/web/pristina/-/latest-developments-in-the-case-law-of-the-european-court-of-human-rights- on-freedom-of-expression-in-bulletin-no-3

Преземено од официјалниот веб-сајт на Советот на Европа