Валкана кампања против новинарка со објавување на видео запис со експлицитна содржина доведе до прекршување на Конвенцијата

Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека имало две повреди на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот, домот и преписката) и повреда на членот 10 (слобода на изразување) на Европската конвенција во предметот Кадија Исмаилова против Азербејџан (претставка бр. 65286/13, 10/01/2019).

Предметот се однесувал на наводна валкана кампања против добро познатата новинарка Кадија Ровшан кизи Исмаилова. Конкретно, таа добила писмо со закана за јавно понижување, доколку не престане со истражувачкото новинарство. Кога одбила, на Интернет било објавено „секс видео“, снимено без нејзино знаење и без знаење на нејзиното момче.

Органите на прогонот покренале кривична постапка поради заканувачкото писмо и тајното снимање. Жалителката се жалела на наводната неефективност на истрагата, а во одговор на јавните поплаки на г-ѓа Исмаилова, органите на прогонот објавиле извештај за статусот на истрагата, во кој се наведува дека бил испрашан голем број сведоци, вклучувајќи го момчето, пријателите, колегите и членовите на семејството на г-ѓа Исмаилова.

Жалителката ја поднесе жалбата повикувајќи се на членот 8 и наведувајќи дека државата била директно одговорна за многу сериозните упади во нејзиниот приватен живот или, во најмала рака, за неисполнување на својата обврска да преземе мерки за заштита на нејзините права на приватност, како и дека извештајот за статусот на истрагата обелоденил прекумерна количина на чувствителни лични информации прибрани во текот на истрагата. Повикувајќи се на член 10 (слобода на изразување), таа тврди дека државата или била директно вклучена или не презела чекори за да ја спречи систематската валкана кампања против неа.

Судот утврди дека постапките претставувале навреда за човечкото достоинство на г-ѓа Исмаилова, кои државата била должна да ги истражи. Сепак, во истрагата имало значителни пропусти и одложувања, и покрај очигледните докази. Што е најважно, не е спроведена никаква истрага за да се утврди дали постои поврзаност меѓу фактот што г-ѓа Исмаилова е добро позната истражувачка новинарка која остро ја критикува Владата и кривичните дела против неа.

Ситуацијата била дополнително влошена со статиите објавени во наводно провладините весници и со тоа што властите јавно го објавиле извештајот за статусот на истрагата, кој, без очигледна причина, содржел информации за приватниот живот на г-ѓа Исмаилова. Судот особено се осврна на извештаите за прогон на новинари во Азербејџан и на перцепцијата на неказнивост за такви дела.

Г-ѓа Исмаилова има поднесено уште една претставка (број 30778/15) до Европскиот суд во врска со нејзиното апсење и притворање во 2014 година за тешка проневера и затајување данок, како и за злоупотреба на моќта додека работела за Радио Азадлик.

Преземено од официјалната веб страна на Европскиот суд за човекови права