23 Окт Видео надзорот над вработените не претставува повреда на нивното право на приватност
Во предметот на Лопез Рибалда и други против Шпанија (жалби бр. 1874/13 и 8567/13), Европскиот суд за човекови права одлучи со 14 гласа за и три против дека не дошло до повреда на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права и одлучи едногласно дека не дошло до повреда на член 6, став1 (право на правично судење).
Предметот се однесуваше на прикриениот видео надзор на вработените кој довел до нивно отпуштање. Во 2009 година жалителите работеле како касиери/касиерки или асистенти за продажба во ланецот на супермаркети М. Откако забележал несовпаѓање помеѓу залихите на продавницата и продажбата и откако биле утврдени загуби во текот на пет месеци, управителот на супермаркетите инсталирал видливи и прикриени CCTV камери (систем на видео надзор со затворено коло) во јуни истата година . Наскоро по инсталирањето на камерите, тој пред претставник на синдикатот прикажал снимка на која било видливо дека жалителите и други вработени учествувале во кражба на стока во продавницата. Четиринаесет вработени, вклучувајќи ги и жалителите, биле разрешени во дисциплинска постапка. Во писмата за отпуштање било наведено дека на снимките е видливо дека жалителите им помагаат на клиентите и другите вработени, нивни колеги, да крадат, како и дека самите тие краделе.
Судот конкретно утврди дека шпанските судови внимателно балансирале помеѓу правата на жалителите – вработените во супермаркетите кои биле суспендирани заради кражба – и правата на работодавачот, како и дека темелно ја испитале оправданоста на видео надзорот. Клучен аргумент на жалителите бил дека не им било дадено претходно известување за надзорот, и покрај тоа што истото било предвидено со закон, но Судот утврдил дека постоела јасна оправданост за таквата мерка заради разумното сомневање во сериозна злоупотреба и заради претрпените загуби, водејќи сметка за обемот и последиците од мерката. Понатаму, жалителите имале на располагање и други правни лекови, како што било поднесувањето претставка до надлежното тело за заштита на податоци или поведувањето на постапка пред надлежен суд заради наводна повреда на нивните права според Законот за заштита на личните податоци. Сепак, тие не ги искористиле таквите правни лекови. Така, домашните судови не го пречекориле своето поле на слободна проценка кога одлучиле дека следењето било пропорционално и легитимно, па оттука не дошло до повреда на член 8.
Во однос на тврдењето на жалителите за употребата на видео снимките како доказ, Судот конкретно сметаше дека жалителите биле во можност да ја оспорат употребата на снимките и дека судовите дале опширно образложение во своите одлуки во однос на ова прашање. Видео снимките не биле единствениот доказ во списите на предметот, жалителите не ја довеле во прашање неговата автентичност или точност, а Судот сметаше дека станува збор за цврсти докази за кои не била потребна дополнителна потврда.
Судовите ги земале предвид и останатите докази, како што е сведочењето на странките. Оттука, Судот утврди дека употребата на видео снимките како доказ не ја нарушило праведноста на судењето.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европската конвенција за човекови права