Годишен извештај на организацијата Human Rights Watch за 2020 година

„Светскиот извештај 2020“ на организацијата Human Rights Watch е годишен преглед на состојбата со човековите права во светот кој покрива 100 земји и територии во светот, а се однесува на периодот од крајот на 2018 до ноември 2019 година.

Според него, минатата година балканските земји оствариле само скромен напредок во областа на човековите права.

Босна

Во 2019 година, Босна и Херцеговина (БиХ) забележа мало подобрување во заштитата на човековите права. Одржувањето на својата првата парада на гордоста беше за поздравување иако лезбејките, геј, бисексуалните и трансродовите лица продолжуваат да се соочуваат со дискриминација и насилство. Државата не успева во пракса да ги заштити жените од родово насилство ниту да ги повика на одговорност повеќето сторители.

Во декември 2019 година се одбележаа 10 години од пресудата  во предметот Сејдиќ-Финци на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), во која се утврди дека босанскиот устав ги дискриминира етничките и верските малцинства со тоа што не им дозволува да се кандидираат на претседателските избори. Во деценијата што следуваше, ЕСЧП најде слични уставни кршења во три други предмети, но уставот сè уште не е изменет.

Слободата на медиумите останува компромитирана, а темпото на кривичен прогон на одговорните за воени злосторства сè уште е бавно.

Хрватска

Хрватска објави дека го блокирала влезот на 9.487 лица на своите граници во првите 8 месеци од годината. И покрај веродостојните извештаи во текот на годината за нелегално и насилно одвраќање на мигранти од страна на хрватската полиција во Босна и во Србија, со што се кршеше бегалското право и човекови права во ЕУ, Хрватска не се соочи со никакви последици од страна на институциите на ЕУ.

Годинава се случија неколку насилни напади врз хрватските Срби, а Народната правобранителка на Хрватска и невладиниот сектор изразија загриженост за климата на нетолеранција кон малцинствата.

Помеѓу јануари и септември 2019 година, Документа, невладина организација, регистрираше 39 случаи на воени злосторства против 59 обвинети пред судовите во Хрватска. Во истиот период, 15 лица беа осудени за воени злосторства, вклучително и едно за сексуално насилство.

Косово

Напредокот кон процесирањето на тешките воени злосторства извршени за време на војната во Косово во периодот 1998-1999 година беше бавен. Премиерот Рамуш Харадинај, кој за време на војната беше командант на Ослободителната војска на Косово, поднесе оставка во јули по добиената судска покана за сослушување од страна на Специјалниот обвинител за воени злосторства во Хаг. Новинарите се соочија со закани и заплашувања, а кривичниот прогон за дела против новинарите се одвива бавно.

Заедниците на Ромите, Ашкалите и балканските Египќани и понатаму се соочуваат со дискриминација.

И покрај некои позитивни развојни текови, семејното насилство останува проблем во Косово  – полицијата не реагира на соодветен начин, мал е бројот на случаи за кои се води кривичен прогон, а судиите и понатаму не издаваат забрани за приближување за злоставувачите/семејните насилници.

Србија

Судењата за воени злосторства пред домашните судови беа бавни и немаа неопходна политичка поддршка. Системот за азил и понатаму има слабости: ниски се стапки на препознавање во споредба со просекот во земјите-членки на ЕУ и долгите одложувања при донесувањето на одлуките.

Српските новинари и понатаму се соочуваат со напади и закани. Во извештајот се наведува дека се пријавуваат напади и закани на медиумите и новинарите заради известување за чувствителни теми, и дека провладините медиуми, како што се вели, честопати спроведуваат кампањи во кои ги клеветат т.н. независни медиуми, опишувајќи ги како „предавници“ и „странски платеници“.

Србија не усвои сеопфатен план за преместување на лицата со посебни потреби од институциите во живот во заедницата. Децата со посебни потреби немаат пристап до инклузивно образование.

Извештајот е достапен овде: https://www.hrw.org/world-report/2020

Преземено од официјалниот веб-сајт на Human Rights Watch