Годишниот извештај на Праксис за 2021 година за детските бракови во Србија со посебен фокус на праксата на јавните обвинителства

Во рамките на проектот „Правна помош за лицата во ризик од бездржавјанство во Србија“, финансиран од УНХЦР, Праксис го подготви извештајот „Годишен извештај за детските бракови во Србија во 2021 година со посебен фокус на праксата на јавните обвинителства“.

Во овогодинешниот извештај се претставени податоци за постапувањето на јавните обвинителства во однос на кривичните дела принуда на брак и вонбрачна заедница со малолетно лице, врз основа на одговорите доставени од јавните обвинителства на територијата на Република Србија на барањата поднесени во однос на правото на слобода на информирање. 

Според добиените податоци, секоја трета кривична пријава за кривичното дело вонбрачна заедница со малолетно лице резултира со обвинителен предлог, но во претходните три години во Република Србија немало пријави на сомнеж за принуда на брак.

Нерамномерното постапување и недоследноста во работата на полицијата и јавните обвинителства, што се рефлектираа со предлагање условна казна во две третини од обвинителните предлози, укажува на сериозни проблеми поврзани со ефективноста и ажурноста на механизмите за спречување и санкционирање бидејќи тие не можат да обезбедат соодветна заштита на правата на детето.

Во Србија, детски бракови склучуваат главно девојчиња Роми, за што сведочи фактот дека меѓу младите жени (20-24 години) кои го склучиле првиот брак пред 15-годишна возраст, има 16% ромски девојчиња во споредба со 1 % од девојчињата од општата популација, додека 56% од девојчињата Роми во споредба со 16% од девојчињата од општата популација склучиле детски брак пред да наполнат 18 години.

Според извештајот, подносители на кривична пријава најчесто се полицијата и центрите за социјална работа, кои за наведеното кривично дело најчесто добиваат информации од здравствените установи по породувањето на малолетни девојчиња.

Значајни сознанија за детските бракови, но и за главните пречки за сузбивање на оваа појава, кои се опишани во овој извештај, се добиени преку активностите спроведени со децата и средбите со претставниците на центрите за социјална заштита и училиштата.

Целосниот извештај може да го најдете овде.

Преземено од веб-сајтот на Праксис