Дискриминација врз основа на полот

Во предметот Хилjа Ебру Демирел против Турција (претставка бр. 30733/08 од 19.6.2018.), Европскиот суд за човекови права утврдил дека дошло до повреда на членот 14 (забрана на дискриминација), во врска со членот 8 (право на почитување приватен и семеен живот) од Европската конвенција за човекови права и кршење на членот 6, став 1 (право на правично судење) од Европската конвенција, поради недостаток на соодветно образложение за одлуката на Врховниот управен суд, но не утврдил повреда на членот 6, став 1 од Европската конвенција, во поглед на контрадикторни одлуки на Врховниот управен суд.

Предметот се однесува на наводите на подносителот на претставката за полова дискриминација, затоа што ибило ускратено вработување како службеник за безбедност во државната регионална електродистрибутивна компанија. Тужителката положила државен испит и била информирана дека ќе биде назначена за службеник за безбедност во филијалата на турската компанија за дистрибуција на електрична енергија во Килис. Меѓутоа, компанијата одбила да ја вработи, поради тоа што не е маж којшто отслужил воен рок. Тужителката првобитно го добила спорот против компанијата за дискриминација во 2001 година, но таа одлука била ревидирана во жалбена постапка од Врховниот управен суд во 2002 година.

Сите жалби на подносителката на барањето (вклучително и барањето за исправка) биле неуспешни, а конечната одлука е донесена во јуни 2009. година, од страна на Дванаесеттото одделение на врховниот управен суд. Тој суд не ја следел претходната судска пракса, односно пресудата донесена од Генералното собрание на одделението на управниот врховен суд за друга постапка, кадешто е утврдено дека една жена е дискриминирана во услови слични на овие на тужителката.

Тужителката се жалела дека одлуките на управните органи и судови претставуваат дискриминација врз основа на полот. Таа, исто така, се жалела дека домашните судови донесле контрадикторни одлуки во идентични случаи и дека Врховниот управен суд не ги разгледал нејзините поднесоци. Судот изречно утврдил дека одлуките на домашните судски власти постапувале дискриминаторски, земајќи го предвид фактот дека не навеле други причини, освен полот, поради којшто подносителката на жалбата не била назначена за тоа конкретно работно место. Судот заклучил дека тоа била единствената можност за Дванаесеттото одделение да утврди разлика помеѓу случајот на тужителката и другиот случај, пред нејзиниот случај да стане правосилен. Судот утврдил и дека Врховниот управен суд не ја исполнил својата обврска да даде соодветно образложение за отфрлање на барањето за исправка поднесено од страна на тужителката, затоа што нејзините аргументи за забрана на дискриминација помеѓу мажи и жени не биле разгледани од судовите во ниту една фаза.

Што се однесува до контрадикторните одлуки на Врховниот управен суд, Судот забележил дека контрадикторните одлуки за слични предмети во истиот суд, а којшто е суд од највисока инстанца, може да доведат до повреда на правото на правично судење. Меѓутоа, Судот сметал дека постојната разлика во толкувањата на Дванаесеттото одделение и Генералното собрание за управни постапки на Врховниот управен суд не претставуваат „длабоки и долготрајни разлики“ во релевантната судска практика. Според тоа, ситуацијата за којашто е поднесена жалба не е доволна за да се утврди повреда на членот 6, став 1 од конвенцијата.

Преземено од официјалната веб страна на Европскиот суд за човекови права