Дискриминација заради непостоење на локални избори

Во предметот Баралија против Босна и Херцеговина (жалба бр. 30100/18 од 29 октомври 2019 година), Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) едногласно утврди дека дошло до повреда на член 1 од Протоколот бр. 12 (општа забрана на дискриминација) од Европската конвенција за човекови права („Конвенцијата“).

Предметот се однесуваше на правна празнина која ја спречила жалителката, локална политичарка која живее во Мостар, да гласа или да учествува на изборите. Жалителката Ирма Баралија е државјанка на Босна и Херцеговина и претседател на локалниот огранок на политичката партија Наша странка.

ЕСЧП утврди дека оваа правна дупка била предизвикана од неуспехот на властите да ја извршат пресудата на Уставниот суд од 2010-та година која се однесувала на уредувањето на гласањето на локалните избори во Мостар и да им наложат на властите да го усогласат релевантното законодавство со Уставот. Ова, пак, довело до ситуација во која последните локални избори во Мостар се одржале во 2008 година, а од 2012 година со градот  управувал градоначалник кој го немал потребниот демократски легитимитет. Ваквата состојба не била во согласност со начелото на владеење на правото.

ЕСЧП затоа не можел да го прифати оправдувањето на Владата во врска со долготрајното одложување на извршувањето на пресудата, односно потешкотиите во воспоставувањето на долгорочен и ефикасен механизам на делење на надлежностите на Градскиот совет, со цел да се одржи мирот и да се олесни дијалогот меѓу различните етнички групи во Мостар. Затоа, државата не ја исполнила својата обврска да преземе мерки за заштита на г-ѓа Баралија од дискриминаторско постапување врз основа на нејзиното место на живеење, како и за одржување на демократски избори во Мостар. ЕСЧП, исто така, утврди дека државата мора да го измени релевантното законодавство според член 46 (задолжителност и извршување на пресудите) најдоцна шест месеци по стапувањето на сила на оваа пресуда.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права