Дискриминација поради законска реформа поврзана со добивање на семејна пензија

Во предметот Валверде Дигон против Шпанија (жалба бр. 22386/19, 26.01.2023 година) Европскиот суд за човекови права утврди дека дошло до повреда на член 1 од Протоколот бр. 1 (заштита на имот) од Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесува на одбивањето на Националниот институт за социјално осигурување да и додели семејна пензија. Партнерот на г-ѓа Валверде Дигон починал во јули 2014 година, три дена откако било регистрирано нивното граѓанско партнерство. Условот за регистрирање граѓански партнерства најмалку две години пред смртта на партнерот за да може едно лице се квалификува за семејна пензија стапил на сила само три месеци пред смртта на нејзиниот партнер. Судовите во нејзиниот предмет изјавиле дека партнерството морало да се регистрира две години пред смртта на починатиот партнер.

Потпирајќи се на членот 14 (забрана на дискриминација) во врска со членот 1 од Протоколот бр. 1, г-ѓа Валверде Дигон се жали на одбивањето на властите да и доделат семејна пензија.

Судот не беше уверен дека правната реформа била предвидлива за лица во иста ситуација како жалителката. Тоа што во 2012 година Врховниот суд пред Уставниот суд поставил прашање за уставноста не можеше да се смета за предупредување дека законодавството ќе се промени.

Судот призна дека условите за добивање на семејна пензија се промениле пред жалителката да стекне право за цемејна пензија. Сепак, како што е наведено погоре, пред оваа промена во април 2014 година, таа имала право  на семејна пензијаво случај на смрт на нејзиниот партнер. Според тоа, иако спорната мерка била доволно предвидлива од квалитативна гледна точка, односно таа била доволно прецизно формулирана, истовремено таа била и неочекувана во контекст на конкретниот случај. Згора на тоа, властите не ги презеле потребните мерки за да се избегне лицата кои до 10 април 2014 година го исполниле тој нужен услов, непредвидливо да бидат спречени да добијат пензија. Иако поништувањето на претходната разлика во третманот претставува убедлива причина која му служи на општиот интерес, Судот, сепак, мораше да забележи дека горенаведениот општ принцип не може автоматски да преовладува во ситуација кога од засегнатото лице се бара да сноси прекумерен товар како резултат на мерка што го лишува од легитимно очекување.

Судот, исто така, го забележува аргументот на жалителката дека семејни пензии значително почесто се доделуваат на жени кои се во неповолна или ранлива ситуација на финансиска зависност од нивните партнери и имаат потреба од социјални давања по смртта на партнерот.

Понатаму, Судот не наоѓа основа според која би сметал дека од жалителката и нејзиниот партнер морале превентивно да го формализираат своето партнерство преку јавен документ од моментот кога била објавено допуштеноста на прашањето за неуставност на 21 мај 2012 година бидејќи таа одлука не создала законски услов во предметното време. Дури откако била објавена изјавата за неуставност на 10 април 2014 година (само три месеци пред да умре партнерот на жалителката) новиот услов стапил на сила. Аргументот на Владата дека жалителката и нејзиниот партнер отсекогаш биле слободни да стапат во брак е нерелевантен бидејќи не е спорно дека законот предвидувал семејни пензии за граѓанските партнери, како и дека жалителката можела легитимно да се потпре на тој правен режим.

Земајќи ги предвид горенаведените размислувања, Судот смета дека оспорената мерка, иако имала за цел да ја елиминира претходната разлика во третманот што требало да се реши од страна на законодавецот (различни услови за конституирање на граѓанско партнерство во различните автономни заедници), не успеала да постигне правична рамнотежа помеѓу различните интереси за кои станува збор. Поради тоа, овде има повреда на член 1 од Протоколот бр. 1 на Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права