16 Апр ЕСЧП пресуди дека би дошло до повреда на член 8 доколку дојде до протерување на косовски државјанин
Во предметот на И.М. против Швајцарија (жалба бр. 23887/16, 09.04.2019), Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека би дошло до повреда на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права доколку жалителот И.М. биде протеран во Косово.
Предметот се однесуваше на одбивањето на швајцарските власти да му ја продолжат дозволата за престој на И.М. и на наредбата за протерување од територијата на Швајцарија, по неговата осуда за силување извршено во 2003 година. Жалителот е косовски државјанин кој живеел во Швајцарија од 1993 година. Оженет е со швајцарска државјанка и добил дозвола за престој врз основа на тој брак. И.М., чија стапка на попреченост е проценета на 80%, моментално живее во Швајцарија со своите возрасни деца, од кои е зависен.
Повикувајќи се на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот), подносителот се жалел на решението за протерување од швајцарска територија. Тој го нагласи недостатокот на ризик од повторување на делото, како и неговите здравствени проблеми и фактот дека е зависен од грижата што му ја пружаат неговите роднини во Швајцарија.
Судот особено утврди дека Сојузниот управен суд, кој одлучувал по овој предмет во 2015 година, односно повеќе од 12 години по делото што го сторил жалителот, не ја зел предвид промената на однесувањето на жалителот, ниту го оценил влијанието на огромното влошување на неговата здравствена состојба врз ризикот од повторување на делото. Исто така, Сојузниот управен суд не ја зел предвид јачината на општествените, културните и семејните врски на апликантот со земјата-домаќин (Швајцарија) и земјата на дестинација (Косово), ниту спровел доволно темелна анализа на импликациите на зависноста на И.М. од неговите возрасни деца. На тој начин, домашните власти само површно ја испитале пропорционалноста на наредбата за протерување и не успеале уверливо да покажат дека истата е пропорционална со легитимните цели што требало преку неа да се постигнат (спречување на нереди или криминал), ниту дека е неопходна во едно демократско општество. Следствено, доколку дојде до протерување на И.М., тоа ќе претставува кршење на членот 8.
Преземено од официјалниот сајт на Европскиот суд за човекови права