Зголемување на случаите на насилство врз жените за време на пандемијата КОВИД-19

Од избувнувањето на пандемијата, забележан е драматичен пораст на евидентирани случаи на насилство врз жените и семејно насилство, како во светот, така и во земјите-членки на Советот на Европа. Комитетот на договорните страни на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство („Истанбулската конвенција“) издаде декларација во која ги повикува државите кои ја имаат ратификувано Конвенцијата да се раководат според нејзините стандарди и препораки како извор на насоки за владино дејствување за време на пандемијата.

Комитетот на договорните страни на Истанбулската конвенција препознавајќи ги предизвиците со кои се соочуваат земјите-членки на Советот на Европа за да го заштитат своето население од заканата од пандемијата КОВИД-19, а по консултациите и побараната експертска помош од Групата експерти за акција против насилството над жените и семејното насилство (ГРЕВИО):

  • потсетува дека принципите и барањата на Истанбулската конвенција обезбедуваат рамка за осмислување и спроведување мерки за обезбедување еднаквост меѓу жените и мажите и  спротивставување на насилството врз жените и семејното насилство, која е применлива во секое време и добива дополнително на значење во рамките на тековната криза предизвикана од избувнувањето на вирусот КОВИД-19;
  • ја потенцира обврската на државите-потписнички на Истанбулската конвенција да посветат должно внимание да спречат, истражат, казнат и обезбедат обесштетување за акти на насилство опфатено во Конвенцијата, во согласност со нивните обврски согласно Европската конвенција за човекови права; 
  • го поздравува пристапот на оние држави кои бараат иновативни начини за приспособување на нивните институционални одговори на насилството во светло на тековниот контекст и ги повикува државите-потписнички да ги исполнат своите обврски согласно Истанбулската конвенција и да ги зајакнат преземените мерки за таа цел;
  • им скренува внимание на договорните страни кон изборот на одредби од Истанбулската конвенција во анексот на оваа декларација, кој нуди примери за можни активности и мерки што би можеле да се преземат при соочувањето со пандемијата;
  • ја потврдува потребата од размена и соработка помеѓу членовите и набудувачите на Комитетот за решавање на долгорочното влијание и последиците од тековната криза на жртвите на насилство врз жени и семејно насилство и истовремено обезбедување на целосно почитување на принципите и барањата на Истанбулската конвенција и гарантирање на пристап кон таквото насилство кој ќе биде сосредоточен на жртвата и почитувањето на човековите права.

Конкретни примери на можни реакции на порастот на случаи на насилство врз жените – кои главно произлегуваат од иницијативи што државите-договорни страни во моментот ги практикуваат – се дадени во Анексот на декларацијата.

Декларацијата може да се пронајде на следниот линк: https://rm.coe.int/declaration-committee-of-the-parties-to-ic-covid-/16809e33c6n-cases-of-violence-against-women

Преземено од официјалниот веб-сајт на Советот на Европа