29 Ное Згрижување на дете и правата на контакт на родителите
Во предметот на К.О. и В.М. против Норвешка (жалба бр. 64808/16, 19.11.2019) Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека:
- не дошло до повреда на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права во однос на згрижувањето на ќерката на жалителите, и дека
- дошло до повреда на член 8 од Европската конвенција во однос на нивниот контакт со ќерката, кој бил ограничен на четири, а потоа на шест пати годишно.
Предметот се однесуваше на одлуките на надлежните да обезбедат згрижување на ќерката на жалителите неколку недели по нејзиното раѓање во 2015 година, како и на нивните ограничени права на контакт со неа. Семејството беше конечно обединето во 2018 година.
Понатаму, Судот беше задоволен што надлежните органи спровеле детално испитување на овој случај во однос на наредбата за згрижување, разгледувајќи ја историјата на проблемите на жалителите и разгледале дали може да се искористи помалку драстична мерка од згрижувањето на нивната ќерка. Сепак, тие заклучиле дека тоа би било непрактично, имајќи ги во предвид претходните обиди да им се помогне на жалителите и нивните потешкотии во соработката со надлежните тела за социјална заштита на децата. Накратко, Судот утврди дека причините за згрижувањето на ќерката на жалителите биле „релевантни и доволни“ и дека мешањето во нивното право на семеен живот не било неспропорционално. Затоа, овде не дошло до повреда на член 8.
Спротивно на тоа, одлуките на надлежните органи во однос на правата на контакт во многу рана фаза од постапката се засновале на претпоставката дека семејството нема да се обедини бидејќи се сметало дека згрижувањето ќе биде на долг рок. Ќерката била на крајот вратена кај родителите. Сепак, ниту Одборот ниту Градскиот суд не објасниле, освен воопштено дека на детето му е потребна стабилност, зошто би било во спротивност со неговите најдобри интереси почесто да ги гледа родителите, особено ако се има предвид дека повратните информации од нивната интеракција биле позитивни. Затоа, Судот утврди дека овде дошло до повреда на член 8 во однос на ограничувањата на контактот на жалителите и нивната ќерка.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права