Извештај на КПТ за Босна и Херцеговина

Во извештајот објавен на 14 септември 2021 година, Комитетот за спречување на мачење (тортура) и нечовечко или понижувачко постапување или казнување на Советот на Европа (КПТ) ги повикува властите на Босна и Херцеговина да преземат енергични активности за решавање на проблемот со полициското малтретирање.

Извештајот, кој се заснова на наодите на КПТ за време на посетата на земјата во јуни 2019 година и е објавен заедно со одговорот на властите, опишува бројни наводи за физичко и психолошко малтретирање, кое по својата сериозност, според мислењето на КПТ, може да претставува тортура (на пример, фалага – тепање по стапалата, силување со палка, симулирано погубување со пиштол) на притворени лица од страна на службениците за спроведување на законот во рамките на Федерацијата Босна и Херцеговина (ФБиХ). Обвинувањата за малтретирање против осомничени за кривични дела, се однесуваат на клоци, удари, шлаканици и удари со палки, безбол палки, дрвени плочки и електрични кабли, од страна на инспектори за криминал и припадници на специјалните интервенциски единици со намера да ги принудат притоврениците да ги признаат делата. Во извештајот се забележува дека во Република Српска (РС) биле примени помалку пријави за полициско малтретирање отколку во 2012 и 2015 година.

Извештајот повикува на ригорозни активности за промовирање на промена на културата во кантоналната полиција на кантоните Сараево и Херцеговина-Неретва, како и во полицијата на ФБиХ. Ова подразбира, меѓу другото, усвојување на мерки, како што се модерни методи на криминалистички истраги и систем на аудио и видео снимање на разговорите спроведени во полиција, како и гаранција дека медицинските прегледи на лицата осомничени за криминал кои се наоѓаат во полициски притвор ќе бидат темелни и доверливи.

Покрај тоа, во извештајот се открива дека истрагите за наводно полициско малтретирање не се ефективни, бидејќи тие не се спроведуваат ниту навремено ниту темелно и дека истражното тело не може да се смета за непристрасно и независно.

Извештајот можете да го најдете овде: https://rm.coe.int/1680a3d12c