Извештај на мисијата на Советот на Европа за утврдување на фактите за миграциите и бегалците во Босна и Херцеговина

Специјалниот претставник на Генералниот секретар за миграции и бегалци, амбасадорот Драхослав Штефанек објави извештај за неговата мисија за утврдување на фактите во Босна и Херцеговина.

Целта на мисијата беше да се даде слика за моменталната состојба на мигрантите, бегалците и барателите на азил во Босна и Херцеговина со фокус на ранливите лица, вклучувајќи семејства со деца, како и одвоени деца и жени/деца и жени без придружба. Извештајот се фокусираше на аспектите што имаат значително влијание врз почитувањето на човековите права на мигрантите и бегалците, имено: условите за прием, третманот на ранливите категории и пристапот до азил.

Меѓу наодите, Специјалниот претставник препорачува поддршка на властите за развој и спроведување на национална политика која ќе има за цел структурирање и координирање на институционалниот одговор на земјата кон миграционите појави, во согласност со меѓународните обврски. Тој, исто така, препорачува подобрување на обезбедувањето на потребните услуги, вклучително сместување, снабдување со храна и поддршка во превенцијата на КОВИД-19, приспособено сместување за деца без придружба и одвоени деца и мерки за реагирање меѓу мигрантите и барателите на азил – особено во кантонот Уна-Сана – преку финансиска поддршка обезбедена од Банката за развој на Советот на Европа на барање на властите на Босна и Херцеговина.

За време на мисијата, Босна и Херцеговина се соочи со околу 9,000 – 10 000 мигранти присутни на моменти во земјата, претежно концентрирани во северо-западниот дел близу до границата со Хрватска. Се проценува дека околу 4.000 – 5.300 мигранти имаат намера да влезат во ЕУ. Во исто време, службениот капацитет за сместување во Босна и Херцеговина беше намален по затворањето на центарот за привремен прием Бира и кампот за итен прием Липа, а обезбедено е дополнително сместување во прифатните центри Мирал и Блажуј за повеќе од 1.000 и 3.000 дополнителни лица соодветно. Овие центри веќе беа преполни, а ризиците за заштитата и здравјето на мигрантите и барателите на азил што живеат во овие центри беа влошени од високата стапка на пополнетост на капацитети, особено со оглед на пандемијата КОВИД-19.

Овој извештај се однесува на информациите собрани за време на мисијата спроведена од 24 до 30 јануари 2021 година и во текот на наредните недели. Специјалниот претставник ги посети прифатните центри Мирал, Седра, Боричи, шаторскиот камп за итни случаи Липа во кантонот Уна-Сана, како и Центарот за привремен прием Ушивак во кантонот Сараево. Извештајот се базира на главните заклучоци и препораки формулирани во извештајот изготвен од поранешниот Специјален претставник на Генералниот Секретар за миграции и бегалци, кој беше објавен во април 2019 година.

Овде можете да го најдете извештајот: https://rm.coe.int/report-of-the-fact-finding-mission-by-ambass-drahoslav-stefanek/1680a2fd03

Преземено од официјалниот веб-сајт на Советот на Европа