19 Апр Изјава на Комесарката за човекови права на Советот на Европа во врска со нападот врз ЛГБТ заедницата во Република Српска
Дуња Мијатовиќ, Комесарка за човекови права на Советот на Европа, го осуди насилството врз припадниците на ЛГБТ заедницата во Република Српска и истакна дека е крајно време властите да ги прифатат ЛГБТИ лицата и нивните права. Проекција на филм организирана од ЛГБТИ групи беше планиранa за сабота на 17 март во градот. Непосредно пред настанот, полицијата изрече забрана за одржување на настанот поради сè почести закани од насилни групи.
Таа понатаму изјави: „Заканата со насилство врз учесниците на настанот не е доволна причина за забрана на собири. Напротив, таквата закана им наметнува позитивна обврска на властите да обезбедат учесниците да можат да го одржат својот настан и да ги остварат своите права на слобода на мирно собирање и на слободата на изразување без страв од насилство или одмазда, без разлика дали станува збор за насилство или одмазда кои доаѓаат од државни или недржавни актери“.
Земјите-членки на Советот на Европа имаат обврска да ги спроведуваат човековите права без дискриминација. Сите граѓани на Босна и Херцеговина имаат исти човекови права и мора да им биде овозможено да ги остварат подеднакво. Тоа значи дека на ЛГБТИ лицата, како и на сите други, мора да им биде овозможено да се собираат мирно, без насилство и говор на омраза.
Мора делотворно да се истражат тврдењата дека полицијата не интервенирала кога учесниците биле загрозени и нападнати од насилни групи. Доколку таквите наводи се потврдат, властите мора да ги повикаат одговорните на одговорност. Тие, исто така, треба да дадат јасни упатства до полицијата за да се обезбеди делотворна заштита за време на настани организирани од ЛГБТИ заедницата и други настани во иднина.
„Оние кои се противат на правата на ЛГБТИ лицата, општо земено, не ја исполнуваат својата обврска за заштита на човековите права. Нивните постапки се во спротивност со нашите заеднички европски вредности за овозможување достоинство, вклученост, еднаквост и почитување на владеењето на правото. Од клучно значење е властите да преземат решителни дејствија за да го осудат говорот на омраза и нетолеранцијата и да испратат јасна порака дека ЛГБТИ лицата се составен дел од општеството и дека нивните човекови права мора да се почитуваат“.
Комесарката изјави дека се солидаризира со ЛГБТИ заедницата во Босна и Херцеговина и со сите други новинари и активисти кои се борат за нивните права. Таа истакна дека ќе продолжи внимателно да ги следи случувањата.
Целосната изјава на комесарката можете да ја најдете овде: https://www.coe.int/en/web/commissioner/-/high-time-for-the-authorities-to-accept-lgbti-people-and-their-rights -извршителите-на-нападот-во-бања-лука-мора-да-бидат санкционирани-1
Преземено од веб-сајтот на Советот на Европа