Истрагата за убиството на новинарката Ана Политковскаја не успеа да открие кој ја нарачал нејзината смрт

Во предметот Мазепа и други против Русија (жалба бр.15086 / 07, 17.07.2018 година), Европскиот суд за човекови права сметаше дека имало повреда на член 2 (право на живот) од Европската конвенција за човекови права. Предметот се однесуваше на истрагата за убиството на новинарката Ана Политковскаја од 2006 година.

Жалителите се мајката, сестрата и децата на убиената новинарка Ана Политковскаја. Г-ѓа Политковскаја беше застрелана и убиена во лифтот во нејзиниот дом во Москва во октомври 2006 година. Таа беше многу познат истражувачки новинар кој во својата работа покриваше наводни прекршувања на човековите права во Чеченија, извршени за време на втората кампања против бунтовниците во регионот. Таа, исто така, беше и критичар на политиката на Претседателот Владимир Путин.

По истрагата, петмина мажи беа осудени за убиството во мај 2014 година. Судот утврди дека еден од мажите ја прифатил понудата да изврши нарачано убиство од лице кое било незадоволно од текстовите  на г-ѓа Политковскаја.

Повикувајќи се на член 2 (право на живот), подносителите се жалеле на тоа што државата не спровела ефективна истрага за убиството на Политковскаја бидејќи властите не успеале да идентификуваат кој го нарачал и платил за кривичното дело.

Судот нагласи дека истрагата донела конкретни резултати вов смисла на осудата на пет мажи директно одговорни за убиството. Сепак, истрагата за едно такво убиство не може да се смета за соодветна ако не се направени напори за да се идентификува лицето кое го нарачало кривичното дело и  платило за него. Властите имале една теорија за поттикнувачот на кривичното дело, посочувајќи на сега починатиот руски бизнисмен кој живеел во Лондон, но тие не објасниле како дошле до тоа сомнение во истрагата. Тие, исто така, требало да ги истражат и другите можности, вклучувајќи ги и оние што ги предложиле апликантите. Тие тврделе дека во убиството се  вмешани агенти од руската тајна служба или од администрацијата на Чеченската република.

Судот наведе дека со оглед на тоа што овој предмет вклучуваше истражувачки новинар, властите, исто така, требало да истражат дали постојат било какви врски помеѓу кривичното дело и истражувачката работа на г-ѓа Политковскаја. Судот, исто така, утврди дека постапката траела премногу долго. Оттаму, дошло до повреда на процедуралниот аспект на член 2.

Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права.