23 Ное Малтретирање на жена затворски чувар – свиркач
Во предметот Шпадијер против Црна Гора (жалба бр. 31549/18, 09.11.2021 година) Европскиот суд за човекови права, едногласно оцени дека дошло до повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот живот) од Европската Конвенција за човекови права.
Предметот се однесуваше на наводното малтретирање на жена – затворски чувар откако таа пријавила несоодветен контакт на машките чувари со затвореничките и после нејзините обиди да го пријави тоа кај властите.
Жалителката, г-ѓа Шпадијер, тврдеше дека следеле бројни и континуирани инциденти со малтретирање и дека во неколку наврати затворската управа не ѝ пружала поддршка. Во септември 2013 година таа заминала на боледување. Жалбата до медијаторот била отфрлена. Во ноември 2013 година таа поднела судска тужба, но неуспешно. Според судот, инцидентите за кои станува збор не претставувале малтретирање, но утврдил дека таа претрпела посттрауматски стрес како резултат на инцидентите.
Додека траела постапката, таа била нападната, претепана и опомена од непознат напаѓач. Првостепената пресуда била потврдена од второстепениот суд и Врховниот суд, а уставната жалба поднесена од неа била, исто така, неуспешна.
Прво, Судот одлучи дека главната жалба на подносителката треба да се испита според член 8, а не според членовите 3 и 6. Судот повтори дека државите се должни да го заштитат физичкиот и психолошкиот интегритет на поединците од други лица, како и да воспостават правна рамка со таа цел.
Судот исто така потврди и дека постоеле правни лекови во домашното право кои се однесувале на малтретирање. Сепак, тие правни лекови требало да функционираат и во пракса. Тој сметаше дека процесот на медијација не бил во согласност со законот. И покрај тоа што била воспоставена поврзаност помеѓу предметните инциденти и здравствената состојба на жалителката, таа не добила никаква заштита од судовите, кои пресудиле дека зачестеноста на инцидентите не е доволна за да се реагира со конкретни мерки.
Судот повтори дека жалбите кои се однесуваат на малтретирање треба да се разгледаат детално и сеопфатно, а не да се отфрлаат само врз основа на тоа колку често или ретко се случувале, при што треба да се земе предвид целиот контекст; некои од поединечните инциденти останале потполно неиспитани.
Општо земено, Судот утврди дека начинот на кој биле спроведени правните механизми во случајот на жалителката – вклучувајќи го и важниот факт што овде станувало збор за свиркач – бил несоодветни, што претставува повреда на позитивната обврска на државата да ја заштити жалителката според овој член.
Судот одлучи дека нема потреба мериторно да ги разгледува жалбите според член 13, бидејќи правните прашања се исти како и оние што се разгледуваат според член 8.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права