18 Јул Мерките на тајно следење не биле во согласност со законот
Во предметот Хашчак против Словачка (претставки бр. 58359/12, 27787/16 и 67667/16, 23.6.2022 година), Европскиот суд за човекови права едногласно оцени дека дошло до повреда на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) на Европската конвенција за човекови права.
Жалителот е истакнат бизнисмен, поврзан со влијателна финансиска групација и деловен партнер на подносителот на претставка во предметот Золтан Варга против Словачка (бр. 58361/12 и 2 други). Во средината на 2000-тите, Регионалниот суд во Братислава издал два налога за следење, со цел Словачката разузнавачка служба (СИС) да го следи Золтан Варга и уште едно лице. Г-дин Хашчак тврди дека другото лице бил самиот тој. Со налозите било дозволено прислушкување на станот на г-дин Варга во текот на таканаречената „операција Горила“, што, меѓу другото, резултирало со аудио снимки и транскрибирани аналитички извештаи за активноста.
Домашните власти разбрале дека СИС ја уништил аудиоснимката во 2008-та. Извештаите биле архивирани од страна на агенцијата и, освен судовите, никој немал пристап до нив. Во 2012., Уставниот суд одлучил по жалбата на г-дин Варга, поништувајќи ги налозите што се однесуваат на жалителот, сметајќи дека биле неоправдани и незаконски и дека претставувале повреда на неговите основни права. Во меѓувреме, во 2011 година, на Интернет анонимно бил објавен материјал, кој наводно бил аналитичко резиме на операцијата на СИС, во кој се опишува г-дин Хашчак како разговара со други за огромна корупција при приватизацијата на државните претпријатија.
Судот наведе дека жалбите на г-дин Хашчак по член 8 се во значителна мера идентични и произлегуваат од идентична фактичка и процедурална позадина со онаа што била испитана во предметот на Золтан Варга. Поради тоа, Судот ја применил таа судска практика во конкретниот предмет. Иако постоела законска основа, операцијата имала бројни недостатоци, од кои некои биле препознаени на домашно ниво како одговор на жалбите и постапките на г-дин Варга. И покрај тоа што домашните судови не навеле такви наоди во поединечниот предмет на г-дин Хашчак, тие биле релевантни за оценувањето на неговиот предмет. Судот повтори дека, како и во случајот на Золтан Варга, при спроведувањето на налозите за следење, СИС практично уживала дискреционо право коешто претставувало неограничена моќ, која не била придружена со мерка на заштита од произволно мешање, како што бара владеењето на правото. Понатаму, ситуацијата била влошена со неоспорениот факт дека г-дин Хашчак не бил самиот цел на следење врз основа на првиот од двата налога, во светлината на неговиот неоспорен аргумент дека законот не обезбедува никаква заштита на лица кои се случајно засегнати од мерки на следење, како и поради фундаменталната неизвесност околу практичниот и процедуралниот статус на аудио снимката преземена во 2018 година, која веројатно потекнува од СИС.
Претходно, во предметот на Золтан Варга, Судот оцени дека складирањето на аналитичкиот материјал добиен во операцијата на следење подлежело на правила на доверливост, без надворешен надзор. Според тоа, материјалот не бил складиран во согласност со законот. Судот пресуди дека тоа се однесува и на конкретниот предмет.
Според тоа, спроведувањето на двата налози и складирањето на аналитичкиот материјал биле во спротивност со член 8 од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права