25 Дек Надлежноста на воените судови за кривични дела извршени од цивили не е во согласност со член 6 од Конвенцијата
Во предметот Мустафа против Бугарија (жалба бр. 1230/17 од 28.11.2019 година) Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) едногласно утврди дека дошло до повреда на член 6, став 1 (право на правично судење) од Европската конвенција за човекови права („Конвенцијата“).
Г-н Мустафа, граѓанин кој немал никаква врска со војската, бил суден и осуден од воените судови за дело кое не спаѓа во воени кривични дела само затоа што еден од обвинетите во истиот предмет служел во воените сили во времето на извршувањето на делото. Г-дин Мустафа во својата жалба тврдеше дека овие судови не биле ниту независни ниту непристрасни.
ЕСЧП утврди дека сомневањата на г. Мустафа во независноста и непристрасноста на воените судови може да се сметаат за објективно оправдани, од неколку причини.
Прво, факторите како што се воените судии кои подлежале на воена дисциплина, нивната формална вклученост во војската и статусот на поротниците на воените судови, кои по дефиниција биле воени офицери, посочувале на фактот дека воените судови според бугарскиот закон не можеле да бидат еквивалентни на класичните основни судови. Покрај тоа, според бугарските закони, предметите во кои се вклучени криминални групи генерално спаѓаат во надлежност на Специјализираниот кривичен суд. Меѓутоа, во овој случај, единствената причина заради која воените судови го презеле предметот е тоа што еден од обвинетите бил дел од вооружените сили, а членот 411 а од Законикот за кривична постапка предвидувал надлежноста на воените судови да преовладува над надлежноста на Специјализираниот кривичен суд.
Второ, бугарскиот закон предвидувал воените судови да имаат исклулителна надлежност врз делата заеднички извршени од воен персонал и цивили, дури и надвор од контекстот на воените активности. Апстрактното доделување, според националните закони, на одредени категории на кривични дела на воените судови не била доволна; неопходно било да се осигура дека постојат „нужни причини“ за таквото постапување во секој поединечен случај.
Затоа ЕСЧП утврди дека сомневањата на г. Мустафа во независноста и непристрасноста на воените судови можеле да се сметаат за објективно оправдани. Оттаму, овде дошло до повреда на член 6, став 1 од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права