Недозволувањето на корекција на пол заради јавен интерес не било во согласност со Конвенцијата

Во предметот на Ј.Т. против Бугарија (жалба бр. 41701/16, 09.07.2020) Европскиот суд за човекови права утврди дека дошло до повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесуваше на транссексуалец (Ј.Т.) кој презел чекори за промена на својот физички изглед и чие барање за корекција на полот (од жена во машко) било одбиено од бугарските судови. Тој тврдел дека станал свесен за својот машки родов идентитет за време на адолесценцијата и дека живеел во општеството како маж.

Европскиот суд за човекови права утврди дека судските органи востановиле дека Ј.Т. започнал процес на полова транзиција, менувајќи го својот физички изглед и дека неговиот социјален и семеен идентитет веќе подолго време бил машки. Како и да е, тие сметале дека е во јавен интерес да не се дозволи законска промена на полот. Образложението за нивните одлуки се однесувало на разни аргументи и се засновало на три основни елементи. Судовите изразиле убедување дека корекцијата на полот не е можна кога поединецот е роден со спротивставени сексуални физиолошки карактеристики. Покрај тоа, тие сметаале дека социо-психолошкиот стремеж на поединецот не може сам по себе да биде доволен за да се одобри барање за корекција на полот.

Домашните судови, исто така, во суштина сметале дека е во јавен интерес да не се дозволи законска промена на полот, и следствено на тоа, го одбиле неговото барање. Сепак, тие не ја објасниле природата на ваквиот јавен интерес.  

Судот го оквалификува ваквото образложение на домашните судови како регидно, со што Ј.Т. бил ставен – во неразумно долг и континуиран период – во вознемирувачка позиција, во која тој можел да доживее чувство на ранливост, понижување и анксиозност. Одбивањето на домашните власти законски да ја признаат промената на полот на Ј.Т., без да дадат релевантни и доволни причини и без да објаснат зошто било можно законски да се признае идентична корекција на полот во други случаи, претставувало неоправдано мешање во правото на Ј.Т. на почитување на приватниот живот.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права