Неколку повреди на Европската конвенција за човекови права во предметот на Алексеј Навалниј против Русија

Во предметот Навалниј против Русија (жалба бр. 29580/12 и четворица други, 15.11.2018 година) Големиот судски совет на Европскиот суд за човекови права едногласно заклучи дека имало повеќекратни прекршувања на Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесуваше на жалбата на Навалниј дека неговото апсење, притвор и осудителна пресуда во управна постапка во седум наврати во 2012 и 2014 година претставувале прекршувања на неговите права и биле политички мотивирани. Жалителот, Алексеј Анатолиевич Навалниј, е руски државјанин кој е политички активист, лидер на опозицијата, антикорупциски активист и блогер.

Големиот судски совет на Европскиот суд за човекови права утврди дека:

– постои повреда на членот 5, став 1 (право на слобода и безбедност/законитост на апсење или притвор) од Европската конвенција за човекови права;

– постои повреда на членот 6, став 1 (право на правично судење) во шест управни постапки;

– нема повреда на членот 6, став 1 во седмата управна постапка; и,

– постои повреда на членот 11 (слобода на собирање и здружување) од Европската конвенција.

Судот, исто така, утврди, со четиринаесет наспроти три гласови, дека дошло и до повреда на членот 18 (ограничување на употребата на рестрикции на правата) од Конвенцијата.

Големиот судски совет, усвојувајќи го образложението на пресудата на Советот во овој предмет, утврди прекршување на правата на г-дин Навалниј според членовите 5 и 6 поради неговите седум апсења и двата притворања пред судење. Судот утврди дека немало причина зошто записниците за управните прекршоци на г. Навалниј не можеле да бидат изготвени на лице место наместо во полициската станица.

Судот, исто така, утврди повреда на членот 11, сметајќи дека за двете од апсењата немало легитимна цел, додека петте други не биле неопходни во едно демократско општество. Ниту еден од собирите за кои овде станува збор не предизвикало нарушување на јавниот ред и мир, но сите биле растерани.

Судот утврди дека жалбата на г-дин Навалниј според член 18 дека апсењата биле политички мотивирани претставува ,,основен аспект” на овој предмет. Фокусирајќи се на две од апсењата, Судот сметаше дека тие всушност имале за цел да го задушат политичкиот плурализам, спротивно на член 18 во врска со членовите 5 и 11. Исто така, Судот препорача Владата да преземе мерки за обезбедување на правото на мирно собирање во Русија, во согласност со член 46 од Европската конвенција (обврзувачка сила и извршливост на пресудите).

Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права