06 Мај Неправилностите при назначувањето судии на Уставниот суд довеле до повреда на правото на пристап до суд воспоставен со закон
Во предметот на Ксеро Флор в Полсце сп. з.о.о. против Полска (жалба бр. 4907/18, 07.05.2021) Европскиот суд за човекови права едносгласно утврди дека дошло до повреда на членот 6, став 1 (право на правично судење) на Европската конвенција за заштита на човековите права во однос на правото на правично сослушување и повреда на членот 6, став 1 во однос на правото на пристап до суд воспоставен со закон.
Предметот се однесуваше на обидите на компанијата жалител да добие од државата компензација на штета предизвикана на еден од нејзините производи (тревник) од диви свињи и елени. Во 2012 година, компанијата жалител го тужела Државниот трезор заради штетата која дивечот ја предизвикал на тревникот есента 2010 година и пролетта 2011 година. Компанијата жалител не била во можност да добие целосен надомест на штета пред домашните судови, туку на крајот добила само 60% од побарувањето.
И покрај тоа што компанијата жалител во неколку наврати побарала да се испрати барање за преиспитување на уставноста на предметниот закон пред Уставниот суд, првостепените и апелационите судови ги отфрлиле тие барања. Компанијата жалител на крајот поднела уставна жалба која Уставниот суд ја прогласил за недопуштена во 2017 година. Во судскиот совет кој одлучувал по предметот бил и судијата М.М., избран од новиот состав на Сејмот (Долниот дом на Парламентот) иако тоа место веќе било пополнето од стариот состав на Сејмот.
Компанијата жалител тврдеше дека изборот на тројца уставни судии во декември 2015 година, вклучително и судијата М.М., во наводно нерегуларна постапка претставувал повреда на правото на пристап до суд утврдено со закон.
ЕСЧП поконкретно утврди дека – и покрај повторното отворање на постапката од страна на жалителот – домашните судови не одговориле на неговите аргументи дека законот што се применувал во неговиот предмет не бил во согласност со Уставот. Следствено, домашните судови не ја извршиле својата должност согласно член 6, став 1 од Конвенцијата, односно не пружиле образложени одлуки, со што го прекршиле правото на правично судење на компанијата жалител.
ЕСЧП утврди дека претседателот на Полска одбил да именува тројца судии кои биле легално избрани од стариот состав на Сејмот во октомври 2015 година. ЕСЧП, исто така, утврди дека во декември 2015 година, новиот Сејм избрал тројца нови судии, вклучително и судијата М.М., на местата кои веќе биле пополнети. Според тоа, ЕСЧП немаше причина да не се согласи со наодите на Уставниот суд дека имало неправилности што претставувале повреда на домашното право при назначувањето на тие судии. Тој утврди дека постапките на законодавната и извршната власт, особено непридржувањето на властите до релевантните пресуди на Уставниот суд, се поврзани со нивно оспорување – со цел да се узурпира улогата на Уставниот суд како толкувач на Уставот и на уставноста на законот во крајна инстанца. Според тоа, ЕСЧП сметаше дека компанијата-жалител било лишена од правото на „суд воспоставен со закон“ конкретно поради неправилностите при назначувањето на судијата М.М. Затоа, во овој предмет дошло до повреда на правата на компанијата жалител во врска со гореспоменатото.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права