Непризнавањето на истополовите заедници доведе до кршење на Конвенцијата

Во предметот Федотова и други против Русија (жалби бр. 40792/10, 30538/14 и 43439/14) Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека дошло до повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Предметот се однесуваше на одбивањето на властите да се регистрира бракот на жалителите, кои се истополови парови.

Судот повтори дека членот 8 не им наметнува изречно на државите обврска формално да ги признаат истополовите заедници. Сепак, тоа имплицира потреба да се воспостави правична рамнотежа помеѓу спротивставените интереси на истополовите парови и заедницата како целина. Исто така, постоела позитивна обврска да се воспостави правна рамка која ќе гарантира ефективно уживање на правата содржани во член 8. Судот особено го напомена влијанието врз поединецот кога постои неусогласеност помеѓу законот и општествената стварност, како во конкретниот предмет.

Што се однесува до истополовите парови, Судот потврди дека тие се исто толку способни како и паровите од различен пол да стапуваат во врски, со потреба за формално признавање и заштита на нивната врска. Државите имам обврска да го земат предвид тоа и да воспостават рамнотежа помеѓу нивните потреби и потребите на заедница, општо земено. Судот утврди дека нема оправдување за фактот што жалителите не биле во можност законски да ги регулираат своите заедници. Особено, во врска со аргументот дека мнозинството Руси не ги одобрува истополовите заедници, Судот изјави дека пристапот до правата на одредено малцинство не може да зависи од прифаќањето на мнозинството. Судот, уште еднаш, повтори дека давањето пристап на жалителите до формално признавање на нивниот статус на парови во било кој друг облик освен бракот не би било во спротивност со „традиционалното разбирање на бракот“ што преовладува во Русија, или со ставовите на мнозинството на кое Владата се повикала, бидејќи таквите мнозински ставови биле само против истополовите бракови, а не против другите облици на законско признавање. Судот констатираше дека, негирајќи им пристап до формално признавање на нивниот статус на истополови парови, руските власти го надминале своето поле на слободна проценка. Како резултат, Судот утврди дека Русија не ги исполнила своите обврски од член 8, што довело до кршење на Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права