Не дошло до дискриминација на бремени жени на работното место

Во предметот Напотник против Романија (жалба бр. 33139/13, 20.10.2020), Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека не дошло до повреда на членот 1 од Протоколот бр. 12 (општа забрана на дискриминација ) од Европската конвенција за човековите права.

Предметот се однесуваше на тврдењата на една жена-дипломат дека била повлечена од нејзиното работно место во романската амбасада во Љубљана затоа што била бремена. Жалителката била одговорна за конзуларни прашања: нејзината работа главно се состоела во пружање помош на оние романски државјани кои се нашле во итни ситуации, како што се лица во полициски притвор, лица без лични исправи или хоспитализирани лица.

Судот утврди дека жалителката била третирана поинаку врз основа на пол, но дека домашните власти во доволна мера ја оправдале таквата разлика во третманот. Според Судот, домашните власти дале релевантни причини за да го оправдаат престанокот на нејзината мисија во странство. Всушност, таквата одлука била неопходна за да се обезбеди и одржи функционалниот капацитет на конзуларниот оддел на амбасадата, и на крајот, да се заштитат правата на другите, имено на Романците на кои им е потребна помош во странство.

Имајќи ја предвид природата на работата на жалителката и итноста на барањата на кои што на работното место од неа се очекувало да одговори, нејзиното отсуство од работа можело да ги загрози конзуларните служби во амбасадата. Тоа било јасно докажано кога таквите услуги требало да бидат прекинати и барањата за помош да бидат пренасочени кон соседните земји во одреден временски период за време на нејзината прва бременост.

Во секој случај, последиците од одлуката не претставувале за жалителката значителни пречки. Таа не била отпуштена, одлука што би била изричито забранета со домашните закони за еднакви можности и во спротивност со меѓународните обврски на Романија. Ниту пак, како што изричито повторија домашните судови, одлуката не била дисциплинска мерка. Таа, всушност, продолжила да добива унапредувања во кариерата од страна на нејзиниот работодавец, прво во декември 2007 година, додека била на породилно отсуство за време на првата бременост, и повторно во септември 2016 година, околу една година по враќањето на работа. Соодветно на тоа, Судот утврди дека нема повреда на членот 1 од Протоколот бр. 12.

Преземено од официјалниот вебсајт на Европскиот суд за човекови права