Новинарски напис во кој се критикува маркетингот на антибиотици кои се сметаат за штетни за здравјето на луѓето не претставувал прекршување на Конвенцијата

Во предметот Данеш и други против Романија (жалби бр. 44332/16, 44829/16, 44839/16, 07.12.2021 година) Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека нема повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот живот) од Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесуваше на отфрлање на граѓанските тужби поднесени од жалителите, членови на управниот одбор на Националниот ред на ветеринарни хирурзи на Романија (C.M.V.R.), против новинар и локален неделник, со цел да се обезбеди заштита на нивниот углед по објавувањето на напис кој содржи критики за нив.

Судот забележа дека целта на спорниот напис била да се говори за опасноста од маркетингот и употребата на ветеринарни лекови без рецепт за здравјето на потрошувачите, чекорите преземени од страна на жалителите да донесат уредба наменета за зајакнување на ефективноста на релевантните стандарди и директното вклучување на жалителите во маркетингот на ветеринарни лекови. Тој, исто така, истакна дека продажбата на месо несоодветно за консумирање веќе била прашање на медиумско покривање кога написот бил објавен и била дискутирана во националниот печат. Судот, исто така, забележа, како и националните судови, дека авторот на написот дејствувал во добра волја, базирајќи го својот напис на други публикации во кои се обработува истата тема и користејќи ги собраните информации при донесувањето на вредносни судови. Неговите изјави биле поткрепени со докази од ветеринарен хирург кој, како и новинарот, сакал да алармира за неограниченото пласирање на ветеринарните лекови. Дополнително, фактот што авторот на написот ги ублажил своите изјави, ги поткрепил своите наводи со конкретни документи и учествувал во дебата која веќе била во тек, беа фактори кои укажуваа на неговата добра волја.

Тој сметаше дека темите кои се обработени во написот се прашања од општ интерес, поврзани со заштитата на јавното здравје. Судот повтори дека, согласно позитивните обврски на властите според член 8 од Конвенцијата, јавноста мора да има пристап до информации што ќе ѝ овозможат да ги процени ризиците на кои е изложена.

Според тоа, Судот не виде причина да се сомнева дека на објавувањето на спорниот напис би можело да се гледа како на нешто што придонело за покривање на тема од јавен интерес. Како последица на тоа, тој сметаше дека националните судови постигнале правична рамнотежа помеѓу правото на жалителите на почитување на нивниот приватен живот и правото на авторот на написот на слобода на изразување, и ги оцениле овие спротивставени интереси земајќи ги предвид критериумите утврдени во неговата судска пракса. Оттаму, овде не дошло до повреда на членот 8 од Конвенцијата.

Преземено од веб-сајтот на Европскиот суд за човекови права