07 Окт Обврска за носење маска како мерка против Ковид-19: претставката е неоснована
Во предметот Маковецки против Украина (претставка бр. 50824/21, 15.9.2022), Европскиот суд за човекови права едногласно ја прогласи претставката за неоснована.
Предметот се однесувал на управна прекршочна постапка против г-дин Маковецки поради неговото одбивање да носи маска во супермаркет, иако тоа било задолжително како дел од мерките за ограничување на ширењето на болеста Ковид-19. Жалителот е казнет со 170 украински гривни (околу 4,90 евра) поради прекршување на прописите за Ковид-19. Повикувајќи се на членовите 6 (право на правично судење) и 7 (нема казна без закон), г-дин Маковецки во жалбата навел дека одлуките на судовите биле произволни и дека полицискиот службеник не бил „суд основан со закон“.
Судот беше подготвен да прифати дека подносителот на претставката можеби начелно претрпел „значителна непогодност“, и покрај релативно нискиот износ на паричната казна. Тој повтори дека не е четвртостепен суд кој ги преиспитува одлуките на домашните судови.
Во врска со членот 6, Судот утврди дека нема ништо што укажува на тоа дека домашните судови постапиле произволно. Аргументите на жалителот во врска со законитоста на ограничувањата беа испитани и отфрлени. Во однос на изречената глоба од страна на полицискиот службеник, Судот повтори дека, во согласност со судската пракса, изрекувањето казни од страна на управните органи може да биде во согласност со Конвенцијата, под услов казните да „подлежат на последователна контрола од страна на судско тело кое има целосна надлежност и ги обезбедува гаранциите од член 6 став 1“. Тоа било случајот во овој предмет. Поради тоа, Судот ги отфрли овие аргументи како очигледно неосновани.
Во однос на членот 7, Судот забележа дека казната била занемарлива, а неплаќањето не можело да доведе до лишување од слобода. Според тоа, немало „кривично гонење“. Оттука, Судот утврдил дека членот 7 не е применлив во околностите на жалителот и го одбил и овој дел од претставката.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права