11 Мар Одбивањето да се направат измени во оригиналниот извод од матичната книга на родените по промената на полот не претставува повреда на Конвенцијата
Во предметот Y против Полска (жалба бр. 74131/14, 17.02.2022 година) Европскиот суд за човекови права едногласно оцени дека не дошло до повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права и дека не дошло повреда на член 14 (забрана на дискриминација).
Предметот се однесуваше на жалбите на Y, трансродов маж, кој бил подложен на промена на полот од жена во маж. Во 1992 година тој добил судски налог во Полска за измена на неговиот извод од матичната книга на родените како би се евидентирала промената на полот. Во изводот од матичната книга на родените на неговата ќерка во Франција тој е наведен како татко.
Во 2008 година тој поднел барање до полските власти да се отстрани спомнувањето на судската одлука од 1992 година од изводот на родените. Во тоа не успеал на три нивоа на надлежност, при што Врховниот суд оценил, по неговата жалба до Апелациониот суд, дека не е можно да се издаде нов извод од матична книга на родените по промената на полот, односно дека промените ќе треба да бидат назначени како прибелешка на оригиналниот извод од матичната книга на родените.
Потпирајќи се на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) и 14 (забрана на дискриминација), подносителот се жалел дека во неговиот извод од матичната книга на родените се наведува и неговиот пол при раѓањето и дека бил дискриминиран во однос на посвоените деца, на кои им биле издадени нови изводи.
Судот забележал некои важни факти, особено дека жалителот живеел како маж и бил оженет, дека на неговиот скратен извод од матичната книга на родените и документите за идентификација се наведува само неговиот променет пол и дека долгата верзија на неговиот извод од матичната книга на родените не бил достапен за јавноста и бил потребен само во ретки случаи. Судот беше свесен за историската важност на оригиналните изводи од матичната книга на родените и потребата да се гарантира веродостојноста на матичните книги. Сепак, жалителот не успеал да докаже дека претрпел било какви негативни последици како резултат на одбивањата од страна на полските власти.
Судот одлучи дека полските власти постапиле во рамките на нивната широка дискреција („поле на слободна проценка“), постигнувајќи рамнотежа помеѓу спротивставените интереси во конкретниот случај, и притоа заклучи дека не дошло до повреда на член 8.
Судот оцени дека не постоела доволна сличност помеѓу ситуацијата на жалителот и онаа на посвоените деца за да се докаже дека тој претрпел дискриминација. Оттаму, не дошло до прекршување на правата на жалителот според овој член.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права