26 Јул Општото барање поединци да се адвокатски застапени во едноставни предмети пред првостепени граѓански судови може да го загрози правото на пристап до суд
Во предметот Китановска и Барбуловски против Северна Македонија (бр. 53030/19 и 31378/20, 09.05.2023), Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) утврди повреда на член 6 став 1 (право на правично судење) во однос на претставката бр. 53030/19, а ја одби претставката бр. 31378/20.
Предметот се однесува на постапката која ја започнале подносителите на претставка против платниот налог издаден од нотари. Приговорите на подносителите биле одбиени бидејќи не биле поднесени преку адвокат. Повикувајќи се првенствено на член 6 став 1 (право на правично судење) од Европската конвенција за човекови права („Конвенцијата“), подносителите поднесле жалба дека нивните приговори биле одбиени без да бидат мериторно испитани.
ЕСЧП забележува дека член 68(2) од Законот за нотаријатот јасно пропишува дека приговорот против платен налог издаден од нотар мора да биде изготвен, потпишан и заверен од страна на адвокат. Според тоа, останува да се види дали ограничувањето на правото на пристап до суд на подносителите имало легитимна цел и дали постоела разумен однос на пропорционалност помеѓу употребените средства и целта што се настојува да се постигне. Судот се повика на Препораката бр. Р (81) 7 на Комитетот на министри, која препорачува адвокатското застапување да не биде задолжително кога, имајќи ја предвид природата на предметот во прашање, би било пожелно поединецот да го поднесе својот предмет до судовите, со цел да се олесни пристапот до суд.
ЕСЧП нотираше дека постапката во овој предмет се однесувала на платни налози во врска со трошоци за греење, кои се од релативно директна и повторлива природа, пред граѓански првостепен суд. Тие не се однесувале на постапки пред повисок или касационен суд, каде што, поради посебната природа на улогата на судот, постапката може да биде поформална, ниту пак се однесувале на кривична постапка, во однос на која ЕСЧП утврди дека домашните судови имаат право да сметаат дека интересите на правдата бараат задолжително назначување адвокат. Понатаму, вредноста на главната тужба во предметната постапка изнесува приближно 104 евра, износ којшто е несомнено мал.
ЕСЧП понатаму забележа дека барањето за приговорот против платниот налог да се поднесе преку адвокат било општо и се применувало автоматски, без никаква можност судовите да ги земат предвид специфичните околности на предметот на подносителите и без каква било можност за изземање. Судовите веднаш го отфрлиле приговорот на подносителите, бидејќи според домашното законодавство не постоела можност должникот да ја отстрани процедуралната грешка по истекот на рокот за поднесување приговор.
Иако подносителката не тврди дека трошоците за ангажирање адвокат ѝ преставувале прекумерно оптоварување, ЕСЧП сепак смета дека во околностите на овој предмет, каде што трошокот бил речиси една шестина од вредноста на главната тужба, а тужбата била едноставна и повторлива, барањето таа да ја спроведе својата тужба преку адвокат било непропорционално.
Горенаведените размислувања се доволни за да му овозможат на ЕСЧП да заклучи дека, во околностите на овој случај, ограничувањето на правото на пристап до суд на подносителката било непропорционално. Според тоа, сторена е повреда на член 6. став 1. од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права