02 Ное Осудителната пресуда заради нарекувањето на Мухамед педофил е во согласност со член 10
Во предметот на Е.С. против Австрија (жалба бр. 38450/12, 25.10.2018 година), Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека немало повреда на членот 10 (слобода на изразување) од Европската конвенција за човекови права. Предметот се однесуваше на осудителната пресуда на жалителот заради нарушување на верските доктрини; наиме, таа дала изјави кои сугерираат дека Мухамед имал педофилни тенденции.
Во 2009 година жалителот, австриски државјанин, одржал две семинари со наслов ,,Основни информации за исламот”, во кои таа говорела за бракот меѓу пророкот Мухамед и шестгодишно девојче, кои, наводно, имале сексуални односи кога девојчето имало девет години. Меѓу другото, жалителот изјавил дека Мухамед ,,сакал да го прави тоа со деца” и прашал ,, Како ќе го наречеме тоа со друго име освен педофилија?” Во 2011 година Регионалниот кривичен суд во Виена утврдил дека со овие изјави се имплицира дека Мухамед имал педофилни тенденции и на жалителот му изрекол осудителна пресуда за нарушување на верските доктрини. Наредено ú да плати парична казна од 480 евра и да ги покрие трошоците на постапката. Таа поднела жалба, но Апелациониот суд во Виена ја потврдил одлуката во декември 2011 година, во суштина потврдувајќи ги наодите на понискиот суд. Барањето за повторување на постапката било одбиено од страна на Врховниот суд во декември 2013 година.
Повикувајќи се на член 10 (слобода на изразување), г-ѓа С. се жалеше дека домашните судови не се осврнале на суштината на оспорените изјави низ призмата на нејзиното право на слобода на изразување.
Судот конкретно утврдил дека домашните судови сеопфатно го оцениле поширокиот контекст на изјавите на жалителот и внимателно постигнале рамнотежа меѓу нејзиното право на слобода на изразување и правото на другите да им се заштитат нивните верски чувства. Домашните судови сметале дека оспорените изјави ги надминале дозволените граници на објективна дебата и ги класифицирале истите како навредлив напад врз Пророкот на исламот што може да предизвика предрасуди и да го загрози верскиот мир. Тие дале релевантни и доволни причини за таквата одлука. Поконкретно, тие утврдиле дека жалителот бил свесен за тоа дека нејзините изјави биле делумно засновани на невистинити факти и дека тие можеле да предизвикаат огорченост кај другите. Покрај тоа, тие откриле дека изјавите на жалителот во врска со сексуалната ориентација на Мухамед биле субјективни и дека таа на своите слушатели не им дала неутрални информации за историската позадина на Мухамед. Легитимна цел на домашните судови била да се зачува верскиот мир во Австрија. Според тоа, не постои повреда на член 10 од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права