16 Ное Осудителната пресуда за убиство на еден кинески студент претставува прекршување на неговото право на правично судење
Во предметот на Чжан против Украина (жалба бр. 6970/15, 13.11.2018), Европскиот суд за човекови права едногласно заклучи дека имало повреда на член 6, став 1 (право на правично судење) од Европска конвенција за човекови права.
Жалителот, Ју Чжан, е кинески државјанин, кој учествувал во тепачка меѓу четворица Украинци и група кинески студенти на 1 мај 2009 година. За време на тепачката, еден од Украинците бил прободен и починал три дена подоцна. Жалителот бил уапсен и против него било подигнато обвинение за убиство истиот ден.
Новиот Закон за кривична постапка стапил на сила во Украина во ноември 2012 година, со кој биле воведени големи промени. До тој момент постапката против жалителот траела веќе три и пол години. Во меѓувреме, сите други кинески студенти-колеги на жалителот, кои во својство на сведоци дале изјави во прилог на одбраната, ја напуштиле земјата. Во согласност со новиот Закон за кривична постапка, судовите одбиле да ги признаат дадените изјави како доказ бидејќи тие не биле дадени директно на суд. Жалителот бил осуден на 12 години затвор. Неговото осудителна пресуда била во голема мера заснована на сведочењето на двајца од Украинците кои учествувале во тепачката. Повикувајќи се на член 6, став 1 (право на правично судење), жалителот тврдел дека му било повредено правото на правично судење.
Судот забележал дека предметот против жалителот се засновал врз изјавите на пријателите на жртвата и дека националните судови избрале, без никакво објаснување, да им веруваат на истите и притоа не искажале никаков сомнеж во нив, што би било во корист на жалителот. Покрај тоа, судовите, потпирајќи се на новиот Закон за кривична постапка, ги исклучиле сведочењата кои оделе во корист на г-дин Чжан, а биле дадени во предистражната постапка од страна на неговите колеги-студенти. Во исто време, Судот забележал дека настаните за кои станува збор всушност се случиле пред да стапи на сила новиот Закон, што значи дека сведочењето на отсутните сведоци би можело да биде дозволено.
Судовите на сите три нивоа на надлежност, исто така, не успеале да ги проценат релевантните и важни аргументи на г-дин Чжан за сериозните недостатоци на доказите од сведоците на обвинителството и за наводната незаконитост и арбитрарност на исклучувањето на сите докази на одбраната од списите на предметот. Во целина, кривичната постапка против г. Чжан довела до повреда на неговото право на правично судење според членот 6, став 1 од Конвенцијата. Со оглед на ова, Судот сметаше дека не е потребно да ја разгледува одделно неговата жалба која се однесуваше на времетраењето на постапката.
Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права