Повреда на правото за правично судење во разумен рок пред Уставниот суд на Црна Гора

Во предметот Сиништај против Црна Гора (жалба бр. 31529/15, 23.09.2021), Европскиот суд за човекови права утврди повреда на членот 6 став 1 од Конвенцијата поради предолго траење на постапките пред Уставниот суд.

Предметот се однесуваше на осудителната пресуда на жалителот од страна на Високиот суд во Подгорица за здружување со други лица со цел на преземање антиуставни активности и подготвување дејствија против уставниот поредок и безбедноста на Црна Гора на шест години затвор. Таа пресуда била потврдена од Апелациониот суд и Врховниот суд на 18 јуни 2009 година и 25 декември 2009 година соодветно. Во постапката биле вклучени уште шеснаесет обвинети. На 26 март 2010 година, жалителот и уште еден обвинет поднеле уставна тужба, но во меѓувреме, судијата известувач, кој ја имал подготвено нацрт-пресудата, починал и предметот му бил доделен на друг судија. На 23 јули 2014 година, Уставниот суд ја отфрлил уставната тужба на жалителот.

Судот забележа дека периодот што треба да се земе предвид започнал на 26 март 2010 година, кога жалителот ја поднел својата уставна тужба и завршил на 18 декември 2014 година, кога одлуката на Уставниот суд му била доставена на неговиот претставник. Значи, судењето траело ​четири години, осум месеци и дваесет и два дена.

Што се однесува до сложеноста на предметот, Судот можеше да прифати дека станувало збор за донекаде донекаде сложен предмет поради прашањата што ги покренал. Меѓутоа, Судот не сметаше дека овие прашања биле исклучително сложени или дека влијанието на пресудата на Уставниот суд отишло подалеку од нејзината индивидуална примена.

Судот ги зеде предвид и аргументите изнесени од Владата. Меѓутоа, тој сметаше дека тие не можат во доволна мера да го објаснат одолговлечувањето на постапката за која станува збор. Поконкретно, уставните измени на кои се повикува Владата, не се однесуваат на прашањата што ги покренал жалителот во неговата уставна тужба, туку на изборот, мандатот и разрешувањето на судиите на Уставниот суд и неговиот претседател. Дополнително, следствените законски измени експлицитно предвидувале тогаш назначените судии да ја продолжат својата работа се‘ до изборот на нови судии, со што се обезбедува континуирано функционирање на Уставниот суд. Покрај тоа, предметот на жалителот му бил доделен на друг судија најрано во август 2013 година, а тоа време постапката траела цели три години и четири месеци.

Во однос на однесувањето на жалителот, Судот забележа дека Владата не тврдела дека тој на кој било начин придонел за ваквото времетраење на постапките на Уставниот суд . Судот немаше причина да одлучи поинаку. Што се однесува до значењето на исходот на постапката за жалителот, ова, меѓу другото, се однесуваше и на неговото право на одбрана во кривичната постапка и, на крајот, на осудителната пресуда за тешки кривични дела. Доколку Уставниот суд донесеше одлука во негова корист, тоа ќе значеше укинување на конечната одлука донесена во кривичната постапка и предметот ќе се вратеше на одлучување.

Иако ЕСЧП прифати дека улогата на Уставниот суд како чувар на Уставот понекогаш наметнува потреба тој да земе предвид и други прашања, а не само хронолошкиот редослед по кој предметите се примаат, како што е природата на предметот и неговата важност во политичка и општествена смисла, Судот утврди дека периодот подолг од четири години и три месеци за решавање на  предмет, како што е предметот на жалителот, а особено во поглед на значењето на предметот за него, бил претеран и не го исполнувал условот за судење во разумен рок“.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права