Повреда на правото на приватен живот поради загадување на почвата и водата во близина на куќата на подоносителот на жалбата

Во предметот Солијаник против Русија (жалба бр. 47987/15, од 10.05.2022), Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека дошло до повреда на член 8 (право на почитување на домот, приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права. Предметот се однесуваше на жалбата на подносителот за загадување на животната средина од гробишта лоцирани многу блиску до неговата куќа и соседната парцела.

Гробиштата постепено се проширувале во правец на куќата на подносителот од 1991 година. Заради тоа локалните жители почнале се жалат до локалните власти, кои наредиле затворање на гробиштата во 1995 година. Властите констатирале дека максималниот капацитет на гробиштата бил постигнат и дека секое понатамошно проширување би било во спротивност со важечките здравствени прописи.

Во 2010 година, подносителот на жалбата и неговите соседи се пожалиле пред органите за заштита на потрошувачите на фактот што и понатаму се дозволувале нови погреби. Горенаведените власти потоа ѝ изрекле најмалку три опомени на градската погребна служба. Г-дин Солијаник покренал тужба пред судовите во 2013 година. Судовите утврдиле дека погребите на гробиштата се вршени во спротивност со здравствените прописи и последователно му наложиле на градскиот совет да воспостави заштитна здравствена зона околу гробиштата до 31 декември 2014 година. Оваа наредба сè уште не е спроведена.

Судот поконкретно забележа дека гробиштата постепено се прошириле кон имотот на подносителот и дека постојат форензички извештаи кои откриваат дека почвата и водата на неговата земја биле контаминирани со опасни материи. Оттука, Судот утврди дека членот 8 е применлив во случајот иако нема докази за вистинска штета по здравјето на подносителот на жалбата. Тој заклучи дека гробиштата работеле во услови на очигледно кршење на домашното законодавство, и покрај опомените од надлежното тело за заштита на потрошувачите и судскиот налог за создавање заштитна здравствена зона  од 500 метри околу гробиштата. Според тоа, Судот сметаше дека дошло до мешање во правото на жалителот на почитување на неговиот дом и приватниот и семејниот живот и дека тоа мешање постигнало доволен степен на сериозност да предизвика примена на член 8 од Конвенцијата.

Што се однесува до прашањето дали мешањето било во согласност со закон, Судот забележа дека градската погребна служба ги игнорирала опомените што ѝ биле изречени поради тоа што не воспоставила здравствено-заштитна зона. Понатаму, судската одлука со која им се наложува на погребната служба и на градскиот совет да воспостават таква зона сè уште не е спроведена. Владата не дала објаснување за ваквото одложување, ниту пак информации за постоењето на алтернативни мерки, како што е преселувањето на подносителот на друга локација или извршувањето на деконтаминација на неговото земјиште.

Судот заклучи дека гробиштата се користеле во услови на очигледно кршење на домашните здравствени прописи, лишувајќи го апликантот од делотворна заштита на неговите права според член 8.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права