Повреда на членот 8 поради сложената и долготрајна процедура за регистрација на промена на полот во изводот од Матичната книга на родените

Европскиот суд за човекови права утврди повреда на членот 8 поради непостоење на законска рамка за гарантирање на правото на почитување на приватниот живот на жалителот во случајот X против „Поранешна Југословенска Република Македонија“ (жалба бр. 29683/16, 17.01.2019)

Случајот се однесува на административните постапки во кои подносителот на жалбата, кој е трансродово лице, се обидел да ја смени ознаката за пол/род на изводот од Матичната книга на родените.

По раѓањето, X бил регистриран како девојче, со очигледно женско име. Уште на рана возраст, Х станал свесен дека е маж, а не жена. Во 2010., тој отишол во специјалистичка клиника во Белград, каде што психолог и сексолог го дијагностицирале како „транссексуален“.

Во јуни 2011 година, X поднесол барање за промена на неговото име и презиме. Министерството за внатрешни работи го одобрило барањето, регистрирајќи го X под очигледно машко име и му издало нова лична карта. Сепак, ознаката за пол /род и нумеричкиот матичен број останале исти, според кои Х бил идентификуван како жена.

Во јули 2011 година, X побарал ознаката за пол/род и нумеричкиот матичен број на неговиот извод од Матичната книга на родени да се коригираат, за да се знае дека е маж. Меѓутоа, Министерството за правда („Министерството“) го одбило барањето на Х, врз основа на тоа дека не постоел службен документ со кој се докажува дека жалителот го променил полот.

Во јуни 2013., жалителот се подвргнал на двојна мастектомија (отстранување на градите) во Белград и продолжил со хормонската терапија. Меѓутоа, во декември 2014 година, Министерството повторно го отфрлило неговото барање. Новата постапка пред Управниот суд сé уште е во тек.

Повикувајќи се особено на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот), X се жалеше на отсуство на регулаторна рамка за законско признавање на родот и произволно наметнување на барањето за генитална хирургија.

Судот утврди дека околностите на предметот откриваат законодавни пропусти и сериозни недостатоци, кои го доведуваат жалителот во ситуација на вознемирувачка несигурност во однос на неговиот приватен живот и признавањето на неговиот идентитет. Долготрајното разгледување на барањето на жалителот, за кое националните власти се исклучиво одговорни, има долгорочни негативни последици врз неговото ментално здравје. Горенаведените размислувања се доволни за да му овозможат на Судот да заклучи дека сегашната законска рамка во тужената држава не обезбедува „брзи, транспарентни и пристапни процедури“ за промена на регистрираниот пол на трансродовите лица на изводите од Матичната книга на родени. Оттука, Судот заклучи дека има повреда на член 8 од Конвенцијата.

Преземено од официјалната веб страна на Европскиот суд за човекови права