Повторно се враќа кривичното дело клевета во Кривичниот законик на Република Српска

Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Тереза Рибеиро и Шефот на мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина, амбасадорот Брајан Агелер, ја дадоа следната изјава по одлуката на Владата на ентитетот на БиХ, Република Српска (РС),  да преземе чекори за враќање на кривичното дело клевета во Кривичниот законик на РС:

„Во 2001 година, Босна и Херцеговина беше првата земја во регионот која ја декриминализираше клеветата на целата своја територија. Во овој контекст, го гледаме ова како чекор наназад во и онака чувствителната клима кога станува збор за слободата на медиумите во ентитетот РС каде што денес работат само неколку слободни и независни медиуми“.

„Овој загрижувачки тренд продолжува и покрај неодамнешните уверувања од Министерството за правда на РС дека Владата нема за цел да подготвува измени на Кривичниот законик на РС, како што беше првично објавено од Претседателот на РС Милорад Додик кон крајот на 2022 година“.

„Внимателно ќе ја следиме оваа ситуација во согласност со нашите мандати. Исто така ќе останеме отворени за конструктивен дијалог и давање насоки на сите засегнати страни. Властите на РС имаат одговорност да обезбедат инклузивна, конструктивна и транспарентна јавна дебата за сите измени кои можат да влијаат на слободата на медиумите во ентитетот“.

Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите го следи развојот на медиумите во сите 57 земји-членки на ОБСЕ. Таа издава рано предупредување за прекршување на слободата на изразување и слободата на медиумите и промовира целосно усогласување на земјите со заложбите на ОБСЕ за слободата на медиумите.

Преземено од официјалниот веб-сајт на ОБСЕ