15 Авг Постапувањето на државата во спорот околу одржување лични односи со детето било во согласност со Конвенцијата
Во предметот Јуришиќ против Хрватска (бр. 2) (претставка број 8000/21, 7.7.2022), Европскиот суд за човекови права не утврди повреда на член 8 (Право на почитување на приватниот и семејниот живот).
Предметот се однесува на спор околу контактите на подносителот на претставката со својот син, роден во 2006 година. Во претходната пресуда од 16 јануари 2020 година (Јуришиќ против Хрватска, претставка бр. 29419/17), Европскиот суд утврди дека жалителот не можел да има значаен контакт со неговиот син практично од неговото раѓање, особено поради неспроведување на судските одлуки во негова корист. На извршувањето на таа пресуда сè уште се чека пред Комитетот на министри, извршниот огранок на Советот на Европа. По таа пресуда од 2020 година, хрватските судови донесле нови одлуки за постепено повторно воспоставување на контакт меѓу жалителот и неговиот син, додека мајката е прогласена за виновна за опструкција. Во оваа втора жалба до Европскиот суд, подносителот се жали по член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција на неговата континуирана спреченост да оствари контакт со својот син.
Владата наведе дека тековната претставка целосно се однесува на извршувањето на претходната пресуда на судот од 16 јануари 2020 година, која била во исклучителна надлежност на Комитетот на министри. Жалителот тврдел дека неговата жалба не била поднесена исклучиво во врска со неизвршувањето на пресудата на судот од 16 јануари 2020 година од страна на тужената држава. Во меѓувреме, биле донесени нови одлуки со кои биле дополнително повредени неговите права според Конвенцијата. Поточно, извршувањето на претходна конечна и извршна судска наредба со која се регулиралe неговите контакти со синот било незаконски прекинато и бил донесен нов налог за одржување контакти.
Судот забележа дека, веднаш по првата пресуда на Судот во предметот, домашните судови го прекинале извршувањето на пресудата од 14 мај 2010 година, бидејќи било невозможно да се изврши. Поточно, со таа пресуда на жалителот му биле овозможени бројни контакти со неговиот син, вклучително и секој втор викенд, но ниту еден вид на извршување не бил продуктивен, па дури ниту присилните мерки. Оттука, експертите едногласно заклучиле дека наметнувањето на толку чести контакти помеѓу жалителот и неговиот син, кој бил оттуѓен од него, не е во најдобар интерес на детето. Наместо тоа, тие предложиле контактите помеѓу подносителот на претставката и И.Р. да се воведуваат постепено. Судот во врска со ова забележа дека домашните судови, во добро образложена пресуда, јасно ги образложиле причините за нивната одлука, со што Судот не гледа причина да не се согласи.
Во ноември 2020 година, надлежниот суд донесе нов налог за контакт, чија цел беше постепено повторно воспоставување на контактот помеѓу жалителот и неговиот син. Повторно, во добро образложена одлука, судот ја испитал семејната ситуација во целина, забележувајќи ги многу лошите односи на родителите и отсуството на соработка. Додека М.Р. немала никаква намера да соработува со социјалните служби, и жалителот, исто така, бил прилично упорен во неговите барања, наместо да внимава на желбите на детето. Освен тоа, Судот не може, а да не забележи дека подносителот на претставката бил некооперативен во текот на неколкуте обиди да се оствари контактот, како што е утврдено со одлуката на судот од 2 ноември 2020 година.
Судот изјави дека е свесен дека задачата на домашните власти во овој предмет е особено отежната поради негативниот став на М.Р. и фактот што детето одбило да се сретне со својот татко. Сепак, Судот забележа дека во текот на периодот кој спаѓа во нивна надлежност, домашните власти презеле голем број чекори за да овозможат контакт на подносителот на претставката со неговиот син. Усвоиле нов распоред на контакти, во согласност со утврдените најдобри интереси на детето и организирале голем број обиди за таков контакт, кои главно не успеале поради однесувањето на двајцата родители. Тие, исто така, ја прогласија М.Р. за виновна за попречување на контактите на жалителот со неговиот син во две кривични постапки и поднесле уште три кривични пријави против неа во тој поглед. Имајќи предвид дека позитивните обврски на државата во предмети од ваков вид се средства, а не резултат, Судот утврди дека не дошло до повреда на член 8 од Конвенцијата.
Преземено од официјалната веб-страница на Европскиот суд за човекови права